Анкета: ВМРО-ДПМНЕ и натаму во водство, но разликата е намалена


Фото: Б. Грданоски

 

ВМРО-ДПМНЕ и натаму се држи на поддршката од околу 20 процентни поени и води во испитувањата на јавното мислење, но ако се споредат двете последни анкети СДСМ малку ја намалил разликата. Истражувањето на Институтот за истражување на политики и добро владеење –Цивика мобилитас, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од 19,5 отсто од испитаниците, додека за СДСМ се определиле 12,6 отсто. Разликата е 6,9 процентни поени.

На последното истражување на Институтот за политички истражувања објавено на крајот на октомври поддршката за ВМРО-ДПМНЕ беше 20,3, а за СДСМ 11,3 – цели девет процентни поени.

И во ова испитување како и претходното најголем дел од испитаниците – 29,4 отсто, одговориле дека не би гласале за ниту една партија доколку следната недела има парламентарни избори.

Од партиите на Албанците, според одговорите на испитаниците, најмногу гласови би добила ДУИ и тоа 5,3 отсто, а за Алијанса за Албанците би гласале 4,5 отсто. За Беса би гласале 2,4 отсто, а за Демократското движење на Изет Меџити гласот би го дале 1,8 отсто од испитаниците. За Левица се изјасниле 3,2 отсто од испитаниците.

Висок број од 11,4 отсто од испитаниците рекле дека не сакаат да кажат за кого би гласале.

Имало прашање и за тоа во кој политичар имаат најголема доверба – Христијан Мицкоски е на врвот од листата со 16,9 отсто, а Димитар Ковачевски има доверба од 9,1 проценти. Зад нив е претседателот Стево Пендаровски во кого доверба имаат 6,1 отсто од испитаниците.

Но неверојатна бројка од 40,5 отсто од испитаниците рекле дека не веруваат во ниту еден политичар.

Анкетата бил спроведена телефонски, во периодот помеѓу 5 и 9 ноември 2023 година на репрезентативен примерок од 1.050 испитаници. Анкетата била финансирана од средства на Цивика мобилитас и е направена за потребите на институтот.