Анкета: Тешко до влада во Бугарија и по овие избори


Формирањето влада по изборите во Бугарија оваа недела (11 јули) изгледа ќе биде невозможна задача како по гласањето на 4 април. Анкетата на агенцијата „Алфа рисрч“ покажува дека ниту протестните партии, ниту оние кои во Бугарија ги нарекуваат дека се залагаат за статус-кво, не ќе имаат доволно пратеници да формираат мнозинство во собранието. Како и другите анкети и оваа направена од 4 до 7 јули на 1013 испитаници, покажува дека во собранието ќе влезат истите шест партии што беа во него и по изборите во април и дека коалицијата на бугарските патриоти е под прагот од четири отсто.

Партијата на Слави Трифонов, Има таков народ, и ГЕРБ на Бојко Борисов се во фотофиниш пред гласањето. Според анкетета, за Има таков народ би гласале 21,8, а за ГЕРБ 21,5 отсто од испитаниците.

Според резултатите од истражувањето, бугарските социјалисти ја подобриле својата позиција за време на кампањата и сега би гласале 16,4% од оние кои одлучиле да излезат на изборите. Но бугарските социолози велат дека резултатот може да биде и помал затоа што има еден дел од левичарските гласачи кои не можат да се справат со машините за гласање (зодолжителни за овие избори) и може да претпочитаат да останат дома.

Во моментов Демократска Бугарија е четврта со 12,0 проценти од гласачите. Што значи дека таа ја зајакна својата позиција од почетокот на кампањата. За партијата на Христо Иванов многу важен факт ќе биде гласањето во странство и зголемувањето на бројот на избирачките места таму. Демократска Бугарија имаше многу голема поддршка меѓу Бугарите што живеат во туѓина. И партијата на етничките Турци, ДПС, е во слична ситуација со гласањето во странство, а домашната поддршка во анкетата на „Алфа рисрч“ изнесува 11,1 отсто.

Нешто над прагот е партијата на Маја Манолова, Исправи се! Мутри надвор. Таа има 5,4 отсто од преференциите на гласачите, но прашање е дали ќе остане на нив затоа што нејзината база е многу помешана со онаа на Слави Трифонов.

Коалицијата на патриотите околу ВМРО има поддршка од 3,8 отсто што е недоволно за влез во парламентот. Националистите од партијата Преродба (формирана од структури излезени од ВМРО) има значајна поддршка од 3,2 отсто и со добар резултат со гласовите од странство можеби би стигнала до четирипроцентната граница. (Н.В.)