Анкета: Само една третина од граѓаните против Преспанскиот договор


Фото: Б. Грданоски

Новата национална анкета на јавното мислење во Северна Македонија на Националниот демократски институт (НДИ) спроведена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори на 15 јули покажува дека економскиот развој е приоритет на гласачите, како и дека тие остануваат загрижени за епидемијата на КОВИД-19.

Од почетокот на епидемијата на КОВИД-19 во март, општиот впечаток на јавноста е попесимистичен, при што 44 проценти од испитаниците велат дека земјата се движи во погрешна насока. Во претходната анкета (март 2020), 33 посто од испитаниците верувале дека земјата се движи во погрешна насока. Економијата/животниот стандард воопшто, а особено вработувањето се најважни за една третина од испитаниците.

Друга третина вели дека антикорупцијата и другите реформи во областа на владеењето на правото се нивен приоритет. Скоро една четвртина вели дека КОВИД-19 е нивната најголема грижа.

– Анкетата го отсликува основниот континуитет на јавното чувство уште пред епидемијата со КОВИД-19, особено за економскиот развој и антикорупциските реформи, истакна Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ-Северна Македонија. Гласачите, вели тој, аплаудираат за членството во НАТО и најавениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, но економските и здравствените грижи кои преовладуваат ги обликуваат нивните приоритети во однос на овие избори.

– Чувствата на гласачите за двете водечки партии/коалиции – СДСМ / Беса и ВМРО-ДПНМЕ – остануваат во голема мера непроменети од почетокот на епидемијата на КОВИД-19, со блиски конкурентни нивоа на јавна поддршка (девет проценти од гласачите се неопределени), стои во истражувањето.

– Гласачите во Северна Македонија точно ги знаат своите приоритети кои ќе ги одведат до гласачките кутии. При тесни избори, тие го проценуваат политичкото лидерство и партиските политики поврзани со владеењето на правото и економијата кои им се најважни, истакна Роберт Бенџамин, директор на НДИ-Централна и Источна Европа.

Речиси седум од 10 испитаници велат дека веројатно ќе гласаат. Четириесет и еден процент од сите испитаници изразуваат загриженост во врска со демократските стандарди на изборите, а 46 проценти изразуваат загриженост во врска со здравствените мерки за заштита, но за голем дел нив оваа загриженост е намалена поради најавените протоколи на Министерството за здравство. Педесет и шест проценти се многу или донекаде загрижени за тоа дека КОВИД-19 или дезинформациите во врска со изборите можат негативно да влијаат на изборниот процес.

– Чувството на јавноста е стабилно во однос на Преспанскиот договор од 2018 година, при што 58 проценти го поддржуваат или веруваат дека бил потребен. Една третина е против договорот. Големо мнозинство, речиси 75 отсто го одобрува членството во НАТО и влезот во Европската Унија, се вели во истражувањето.

НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни на национален репрезентативен примерок од 1.213 испитаници кои имаат над 18 години. Анкетата е со маргина на грешка од +/- 2.8 проценти и 95 проценти стапка на доверба. Истражувањето и анализата биле спроведени од страна на Тим институт и Starr Opinion Research во име на НДИ. Податоците од анкетата не го предвидуваат изборниот резултат.