Анкета: Рубио и Венс водат меѓу републиканците, Ософ и Батиџиџ меѓу демократите за претседателските избори во 2028 година
Републиканците Марко Рубио и Џ. Д. Венс, како и демократите Џон Ософ и Пит Батиџиџ се издвоија како потенцијални кандидати за претседателските избори во САД во 2028 година, покажа анкета на „Ројтерс“ и „Ипсос“.
Речиси 45 проценти од републиканските гласачи веруваат дека Рубио би бил одличен претседателски кандидат, а 43 проценти од испитаниците го имаат истото мислење за Венс.
Меѓу демократите, Ософ и Батиџиџ се оценети како одлични избори, и двајцата имаат по 29 проценти доверба од гласачите.
Анкетата е спроведена меѓу 1.705 возрасни Американци вклучувајќи речиси 500 регистрирани гласачи од секоја партија, и е завршена во понеделникот.
Маргината на грешка за републиканските и за демократските гласачи е пет процентни поени.
Ниеден од четирите потенцијални кандидати сè уште официјално не почнал кампања, а до партиските избори за номинација на кандидатите остана повеќе од една година.
Републиканците се поделени за тоа дали сакаат кандидат што ќе се дистанцира од американскиот претседател Доналд Трамп или некој што ќе ги продолжи неговите политики, а демократите размислуваат колку силно треба да му се спротивстават, вклучително и можноста за импичмент.
Трамп ги праша своите сојузници кого повеќе го поддржуваат, Венс или Рубио, но во интервју за емисијата „60 минути“ на Си-би-ес рече дека не мора јавно да поддржува ниеден од кандидатите на републиканските прелиминарни избори.
Меѓу републиканците се споменуваат уште десет можни кандидати, а по Рубио и Венс, најголема поддршка има гувернерот на Флорида, Рон Десантис, кого 32 проценти од републиканците го сметаат за одличен избор, а меѓу кандидатите се проверува и рејтингот на синот на Трамп, Доналд Трамп Помладиот.
Рубио, кој е главен американски дипломат, не учествуваше во многуте неуспешни мировни преговори со Иран, а Венс јавно оцени дека тешкиот пораз на републиканците на среднорочните избори е последица на таа војна.
Ософ во последните месеци го привлече вниманието поради неговите директни критики кон Трамп кого го нарече корумпиран и несоодветен за јавна функција.
Минатата недела тој обезбеди реизбор во Џорџија со предност од 18-процентни поени откога Трамп ја освои државата во 2024 година со разлика од два процентни поени.
Батиџиџ, кој е и поранешен министер за транспорт, е попознат на национално ниво бидејќи се кандидира за претседател во 2020 година.
Речиси една петтина од демократите наведуваат дека никогаш не слушнале за него, а приближно една третина од испитаниците го велат истото кога станува збор за Ософ.
Меѓу републиканците, многу малку луѓе не знаат кој е Венс, а околу една шестина не знаат кој е Рубио.
Поранешната потпретседателка на САД, Камала Харис, и гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, исто така имаат поддршка од 23 проценти од демократите, кои ги оценуваат како одлични кандидати.