Анкета: Рејтингот на Трамп се намалува, на Бајден – зголемен

САД-Според последното испитување на расположението на јавноста на национално ниво спроведено од Универзитет Квинипек, Џо Бајден, сигурен демократски кандидат за претседател, води со 15 процентни поени пред претседателот Доналд Трамп, и ова е најголемата разлика регистрирана годинава.

Анкетата, спроведена од 9 до 13 јули, покажа дека на следните претседателски избори во САД, закажани за 3 ноември, за Бајден би гласале 52 отсто од Американците, а за Трамп – само 37 отсто.

Рејтингот на претседателот во јули опаднал до 36 отсто, од 42 проценти во јуни, најниско досега.

Пред помалку од еден месец резултатот беше 49 проценти за Бајден против 41 отсто за Трамп. Поранешниот потпретседател на САД води во анкетите уште од март, но ваква разлика од 15 отсто е регистрирана за првпат.

Најновата анкета на Квинипек го покажува и незадоволството на избирачите во однос на работата на Трамп како претседател посебно во сферата на економијата – 53 отсто укажале дека не ја одобруваат додека 44 отсто дека ја одобруваат.

За Трамп ова се најлоши резултати во однос на економијата уште од август 2017 година.

Анкетата покажа и дека само 30 отсто од Американците му веруваат на претседаелот околу информациите за епидмијата од новиот коронавирус, додека 67 проценти од гласачите не му веруваат.

Или само еден од тројца анкетирани изјавиле дека Трамп е искрен и ја зборува вистината за ширењето на пандемијата во САД.