Анкета: Половина од граѓаните или нема да гласаат или не знаат за кого би го дале гласот


Фото: Б. Грданоски

 

Највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници (5,1), војската (5,1) и полицијата (4.3), покажува последното истражување подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, што ја спроведуваат Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас cивилис“ (ИДСЦС), Центар за управување со промени (ЦУП), со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија.

На самото дно, како и во повеќе други истражувања, се судството и обвинителство со оценка од 2,7. Од државните институции претседателот на државата има највисока доверба – 3.6, Собранието (3.4) и Владата (3.3). Подолеу од нив, кон сното на листата се политичките партии со оценка за доверба од 3.

На прашањето „Доколку изборите се одржат следната недела за која партија би гласате?“ повеќе од половина од испитаниците одговорија дека не би гласале или дека не знаат за кого би гласале. За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 17% од испитаниците, за СДСМ 12%, ДУИ доби поддршка од 8% од анектираните граѓани, 4% изјавија дека би гласале за Левица, 3% за Алијанса за Албанците, додека 1% поддршка доби Беса.

Истражувањето покажува дека повеќе од две третини сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (69%), а најпесимистички настроени се жителите од Вардарскиот регион (80%).

Перцепцијата на доминантен дел од анкетираните граѓани (79%) е дека пратениците се целосно или делумно зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Според учесниците на фокус-групите постои „строга партиска хиерархија каде што повисоките елити се договараат, а другите спроведуваат“.

Малку повеќе од половина од испитаниците (52%) се согласуваат дека промената на изборниот модел може да придонесе кон намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери.

Теренската анкета е спроведена во периодот 22 февруари – 9 март 2023 година со примерок од 1.002 испитаници над 18-годишна возраст на целата територија на државата, преку методот лице в лице.