Анкета: Опаѓа поддршката на Китаровиќ за претседател на Хрватска


Ако сега се одржат претседателски избори во Хрватска, актуелната претседателка и кандидатка на ХДЗ, Колинда Грабар-Китаровиќ, би освоила 28,5 отсто од гласовите, кандидатот на СДП Зоран Милановиќ 24,8, а на трето место е независниот кандидат Мирослав Шкоро со 18,2 проценти од гласовите, покажа анкета на „Х-рејтинг“.

Порталот „Индекс“ наведува дека од 21 мај, кога последен пат е објавено ова истражување до денес, Грабар-Китаровиќ изгубила 6,17 проценти од поддршката и дека Зоран Милановиќ напредувал за 6,27 отсто.

Резултатите на „Х-рејтинг“, за која истражување спроведува агенцијата „Промоција плус“, ги објави Хрватската радио-телевизија.

Во меѓувреме, поранешниот хрватски премиер Милановиќ вчера ја прекина изборната кампања поради смртта на неговиот брат Крешимир и соопшти дека ќе му се посвети на семејството.

Пред помалку од еден месец почина и таткото на Милановиќ поради што тој една недела се повлече од политичкиот живот.