Анкета на „Рејтинг“: Заев е поприфатлив за премиер од Мицкоски


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, има предност од пет проценти поени пред првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во последното истражување на Агенцијата „Рејтинг“.

На прашањето кој би бил подобар иден премиер  на државата 32 проценти од испитаниците му дале поддршка на Заев, додека за Мицкоски се изјасниле 27 отсто од анкетираните граѓани. Според истражувањето, 20 проценти сметаат дека ниту еден од нив не треба да биде иден премиер, додека 17 отсто одговориле дека не можат да оценат.

Преку сет прашања „Рејтинг“ ја мерела и перцепцијата на граѓаните за тоа дали влада предводена од Зоран Заев или влада предводена од Христијан Мицкоски подобро би се справила со одредени прашања  и предизвици со кои се соочуваме како држава.

Повисок процент, односно 42 проценти сметаат дека влада предводена од Заев побрзо може да обезбеди членство на државата во ЕУ и НАТО, додека 22 проценти сметаат дека тоа би било влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

За четири проценти повеќе граѓани сметаат дека СДСМ може да обезбеди подобар економски стандард од ВМРО-ДПМНЕ, и исто толкав процент повеќе сметаат дека СДСМ може да обезбеди поголема независност на судството.

Анкетата е спроведена на примерок 1.080 испитаници, во период од 18 до 29 јануари, преку методот интервју лице в лице.

На прашањето „Кој, според вас, е најважниот проблем со кој моментално се соочува Република Северна Македонија“, според резултатите се издвојуваат ниските плати  и животниот стандард – 20 проценти од испитаниците,  корупцијата и криминалот – 19 проценти, високите трошоци за живеење – 12 отсто, иселувањето – 11 проценти, додека за промената на името на државата како најголем проблем се изјасниле 5 отсто од испитаниците.

Од анкетираните граѓани 30 проценти сметаат дека влада предводена од СДСМ може да се справи подобро со најголемиот проблем со кој се соочува државата, додека 26 отсто од испитаниците сметаат дека подобро би се справила влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повторно 20 проценти сметаат дека ниту едната, ниту другата партија нема да се справи добро со проблемите со кои се соочува државата, а исто толкав е бројот на граѓаните кои не сакале или не можеле да оценат.

На прашањето „Кој потег, активност или мерка преземена од Владата на СДСМ во изминатите две и пол години го сметате за најпозитивен?“, 18 проценти сметаат дека тоа е покачувањето на платите. Поддршка на напредокот на евроатланските интеграции дале 17 отсто од испитаниците, додека седум проценти дале поддршка за зголемување на социјалната помош.

Проектот „Мој ДДВ“ добил поддршка кај пет проценти од анкетираните граѓани, со по два проценти следуваат намалување на невработеноста, враќање на евтината тарифа на струјата, Законот за стечајци, подобар животен стаднард…За ниту една се изјасниле 19 проценти од анкетираните, додека 20 отсто немаат одговор на ова прашање.

Мнозинството граѓани негативно ја оценуваат работата на техничките министри кои се избрани во Владата на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Високи 44 проценти рекле дека нивната работа ја оценуваат негативно, додека 35 проценти дале поддршка на нивната работа. (Н.В.)