Анкета на ИРИ: СДСМ води во Скопје, а изедначен е со ВМРО-ДПМНЕ во цела држава
Големата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува дека на локалните избори наесен ќе се води изедначена битка меѓу двете главни партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а сличен ќе биде натпреварот и во албанскиот блок меѓу ДУИ и АА. Според анкетата, доколку изборите биде одржале сега (анкетата е правена во март) и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по 17 отсто поддршка, додека за ДУИ би гласале 7 проценти, а за Алијансата за Албанците 6 отсто.
Зоран Заев и натаму е најпопуларен политичар со 10 отсто поддршка, па Христијан Мицкоски со шест, и Али Ахмети и Зијадин Села со по пет проценти. Има намалување на поддршката за Заев во споредба со 2020 година (тогаш била 13 проценти) додека за Мицкоски останала иста. Димитар Апасиев се проби погоре на скалата со поддршка од четири отсто.
Голем дел од ова истражување е наменет за локалните избори и посебно е истражувано политичкото расположение во неколку градови, вклучувајќи го и Скопје. Мнозинството од испитаниците не се задоволни од работата на градоначалникот Петре Шилегов, но на изборите СДСМ би добил 21, а ВМРО-ДПМНЕ 16 отсто од гласовите.
Од оние општини каде што е правено истражувањето, СДСМ има огромна предност во Штип во однос на ВМРО-ДПМНЕ: 34 наспроти 15 проценти. Потоа СДСМ е во голема предност и во Куманово – 28 наспроти седум отсто; а нешто помала во Охрид – 22 наспроти 16 отсто за ВМРО-ДПМНЕ. Според истражувањето, ВМРО-ДПМНЕ е во предност во Ѓорче Петров – 24 наспроти 21 отсто.
Во двете големи битки во албанскиот кампус, Тетово и Гостивар, наклоноста на гласачите е поделена: во едниот град води ДУИ, а во другиот Алајансата за Албанците. Во Тетово ДУИ има поддршка од 14 отсто, а Алијансата 10. Меѓу нив е СДСМ со поддршка од 12 проценти, а ВМРО-ДПМНЕ е четврта со 8 отсто.
Во Гостивар Алијансата за Албанците (нејзин член е градоначалникот Арбен Таравари) има поддршка од 22, а ДУИ 17 отсто.
Анкетата е правена врз примерок од 1.222 испитаници (ја спровела „Брима“) и дополнителни 1.285 испитаници во општините наведени во истражувањето. Истражувањето е напревено теренски, лице в лице. Маргината на грешката е +/- 2,8%.