Анкета на ИРИ: Граѓаните загрижени за правецот во кој се движи Македонија

Незадоволство од насоката во која се движи земјата, силна поддршка за членството во ЕУ и зголемување на позитивните перцепции за Кина и Турција покажува новата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија.
На прашањето за насоката на движење на земјата, само 13 отсто од македонските граѓани одговориле дека земјата се движи во вистинска насока, додека 58 отсто одговориле дека се движи во погрешна насока. Дваесет и осум проценти од испитаниците биле неутрални.
“Со зголемувањето на инфлацијата и цената на електричната енергија и другите економски предизвици со кои се соочува Северна Македонија во моментов, нашите податоци покажуваат дека луѓето не веруваат дека земјата се движи во вистинската насока“, рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.
Креаторите на политики на национално ниво, како што се наведува, ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да ги сменат овие бројки.
Анкетата исто така покажа силна поддршка за членството во ЕУ и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021. Седумдесет и три отсто од македонските граѓани сакаат да влезат во ЕУ, а 24 отсто не се за влез во ЕУ.
„Многу е охрабрувачки да се види таква силна поддршка за членство во ЕУ бидејќи има и недемократски актери кои напорно работат за да ја подобрат својата положба во земјата“, рече Мекарти.
Анкетата покажа дека 87 отсто од македонските граѓани силно се согласуваат или донекаде се согласуваат дека силните односи со Турција најдобро и служат на интересите на земјата. Шеесет и пет проценти истото го мислат за Кина. Овие бројки претставуваат мало зголемување од претходната анкета на ИРИ во 2021, и за Турција, и за Кина.
Анкетата е спроведена од Центарот за анкетни истражувања на „Брима“, фирма за истражување на пазарот (членка на Тејлор Нелсон Софрес и Галуп Интернешнл). Податоците се собрани од 23 септември до 13 октомври 2022 преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Анкетиран е национално репрезентативен примерокот од 1.207 испитаници. Маргината на грешка е ± 2.8 поени на ниво на доверба од 95%. (МИА)