Анкета на ИРИ: Економска загриженост и намалени надежи за пристап во ЕУ

Додека 80 проценти од граѓаните поддржуваат земјата да стане членка на Европската унија, само 28 проценти веруваат дека тоа ќе се случи во текот на следните пет години, покажува најновата анкета за Северна Македонија спроведена на национално ниво од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

За 19 проценти од испитаниците најважен проблем со кој се соочува државата во моментот е невработеноста, по што следи економската ситуација според 14 проценти и нискиот животен стандард – за 10 проценти од испитаниците. Само три проценти од испитаниците рекле дека најголем проблем со кој се соочува државата во моментот е интеграцијата во ЕУ.

На прашањето во која насока генерално се движи државата 43 проценти одговориле во погрешна насока, 33 проценти биле неутрални, а 23 проценти рекле дека државата се движи во вистинска насока.

Најголем дел од испитаниците – 44 проценти сметаат дека економијата во следните две години ќе остане иста, додека 24 веруваат дека ќе се подобри, наспроти 22 кои се песимисти и веруваат дека ќе се влоши.

Прашани како ќе ја оценат моменталната финансиска состојба на своето семејство најмногу – 51 процент одговориле „некако добра“, наспроти 32 проценти кои одговориле „некако лоша“. Сепак 11 проценти од испитаниците рекле дека имаат „многу лоша“ економска состојба во семејството, додека само 5 отсто „многу добра“.

Истовремено високи 58 проценти од испитаниците рекле дека економската ситуација во нивното семејство е непроменета во споредба со претходната година, додека 22 проценти кои рекле дека е многу или нешто подобрена, споредено со 19 проценти кои рекле дека нешто или многу влошена.

Во пресрет на парламентарните избори на 12 април околу три четвртини од граѓаните „многу“ или „донекаде“ веројатно ќе гласаат.

Мнозинството од испитаниците – 36 проценти рекле дека ниту една политичка партија не е најдобро опремена да постигне раст на економијата, додека според 18 проценти тоа е СДСМ, а 17 проценти – ВМРО-ДПМНЕ, по што следи ДУИ со шест проценти и Беса и Алијанса за Албанците со по три проценти.

Половина од граѓаните рекле дека ниту една партија не е најдобро подготвена да се справи со корупцијата и загадувањето на животната средина. За овие прашња според 12 проценти најдобро подготвена е СДСМ, па што следи ВМРО-ДПМНЕ со 10 и 9 проценти. Повторно ДУИ е најдобро подготвена за 6 проценти, додека Беса и Алијанса за Албанците за по 3 проценти од испитаниците.

На прашањето за која партија би гласале доколку следната недела се одржат изборите, 17 проценти од гласачите го идентификувале СДСМ, а 16 проценти ВМРО-ДПМНЕ. За ДУИ рекле дека ќе гласаат седум проценти од испитаниците, по што следи Алијанса за Албанците – пет проценти и БЕСА – четири проценти.

Истражувањето е спроведено во име на Центарот за анкетни истражувања на ИРИ од страна на Брима, фирма за истражување на пазарот, од 30 јануари до 10 февруари 2020 година. Податоците се собрани со користење на методот на стратифициран, повеќе степен случаен примерок, преку интервјуа лице в лице во домот на испитаникот. Примерокот се состои од 1.222 испитаници на возраст од 18 години и постари, со маргината на грешка од 2,8 проценти во граници 95 проценти ниво на доверба. Анкетата е спроведена со поддршка од Националниот фонд за демократија