Анкета на „Галуп“: 65 отсто од граѓаните во Македонија ги одобруваат мерките на Владата околу корона вирусот

Во Македонија најчести преземени превентивни мерки од страна на граѓаните се почестото миење на рацете - 88 проценти, (Фото: Б. Грданоски)

Мнозинството од граѓаните во Македонија – 65 отсто искажуваат одобрување за досега преземените владини мерки, наспроти 29 отсто кои не се согласуваат како Владата се справува со епидемијата. Ова го покажува анкетата на „Галуп“ спроведена во нашата земја, заедно со истражувањето во други 27 држави од целиот свет околу ситуацијата со корона вирусот.

Резултатите од анкетата што ја спроведе „Галуп“ кај 25.000 лица, покажале дека мнозинството од луѓето изразуваат загриженост за себе и за своите најблиски во врска со корона вирусот. Три четвртини велат дека се дури и подготвени да жртвуваат некои од нивните човекови права доколку тоа би помогнало во справување со вирусот. Повеќето земји стојат зад своите влади во оваа битка. Но во исто време, сепак, речиси во половина од нив има согласност дека заканата од корона вирусот можеби е претерана. Луѓето ширум светот не знаат што да очекуваат во наредните недели – лошо или добро, тие не знаат ниту дали ширењето на овој вирус е природна појава, но сепак повеќето веруваат дека е така. Во меѓувреме, луѓето преземаат мерки за заштита на своето здравје.

Анкетата била спроведена во 28 земји низ целиот свет (тука спаѓаат САД, Русија, Индија, некои од најпогодените земји – Италија, Република Кореја, Шпанија, Франција, Германија, Швајцарија…). Истражувањето во македонија го спроведе „Брима“, македонската членка на „Галуп“. Анкетирањето во споменатите земји беше завршено вчера. А во моментов анкетата продолжува во уште десетина други земји. Причината за ваквиот начин на објавување е брзото менување на ситуацијата од ден во ден.

Според истражувањето вкупно 67 отсто се исплашени дека тие или некој од нивните семејства може да бидат заразени од коронавирусот: 38 отсто велат дека се плашат, а 29 отсто велат дека многу се плашат. Додека 20 отсто велат дека не се плашат и 10 отсто дека воопшто не се плашат.

Резултатите од Македонија не отстапуваат многу од вкупниот просек, стравот од можноста за инфекција од овој вирус е присутна кај мнозинство од анкетирате – 63 проценти, наспроти 36 отсто кои покажуваат смиреност.

Мнозинството од граѓаните во Македонија – 65 отсто искажуваат одобрување за досега преземените владини мерки, наспроти 29 отсто кои не се согласуваат како Владата се справува со епидемијата

Се чини дека народот на Австрија е најзадоволен од реакцијата на нивните државни органи – со 88 отсто кои изразуваат поддршка за преземените владини мерки, по што следи Индија (83 отсто), Палестина (80 отсто), Холандија (79 отсто), Италија (72 отсто).

Во Македонија иако поддршката не е во толку голем број како кај овие земји, сепак мнозинство од граѓаните (65 проценти) искажуваат одобрување за досега преземените владини мерки, наспроти 29 отсто кои не се согласуваат како владата се справува со епидемијата.

Во Македонија најчести преземени превентивни мерки од страна на граѓаните се почестото миење на рацете (88 проценти), седењето дома и ограничување на директни социјалните контакти (54 проценти) и употреба на средства за дезинфекција на раце (48 отсто). Само 10 отсто одговориле дека употребуваат маски за лице и пет отсто дека носат ракавици, а девет отсто изјавиле дека до сега не преземале никакви мерки.

Во анкетираните земји преовладува вербата дека вирусот се појавил природно: 45 отсто од испитаниците го делат ова мислење. Сепак, 32 отсто сметаат дека странска сила или земја намерно предизвикува ширење на инфекцијата.

Меѓу поддржувачите на теоријата за намерно создадената зараза е и Македонија со 53 проценти кои веруваат во тоа, заедно со Бугарија (58 осто), Ерменија (56 отсто) и Еквадор (52 отсто).  (Н.В.)