Анкета: Мишел Обама најценета жена, Бил Гејтс е најценет маж


САД- За некои таа е „вечна прва дама“, но во светот Мишел Обама е „најценета жена“. Според неодамнешната анкета на YouGov.com, со која се опфатени 42.000 луѓе, поранешната прва дама е на чело на листата „најценети жени на светот“. Таа ја престигна дури и кралицата Елизабета и многу други популарни дами. На второто место се најде пријателката на Мишел, Опра Винфри.

Актерката и активистка за човекови права, Анџелина Џоли е трета, а британската кралица Елизабета II, четврта. Поранешната американска секретарка Хилари Клинтон е на осмото место, а поп дивата Мадона е на единаесеттото место.

Сегашната прва дама на САД, Меланија Трамп е на деветнаесеттото место, од вкупно 20.

На анкетата спроведена само на американски примерок, Мишел е исто така, на прво место, а актуелната прва дама Меланија Трамп се искачи на третото место.

На листата на најценети мажи, пак, сопругот на Мишел, поранешниот американски претседател Барак Обама е на второто место, а на првото место се наоѓа милијардерот и филантроп Бил Гејтс.

Ѕвездата на акциони филмови Џеки Чен е на третото место. На анкетата спроведена само на американски примерок, Барак Обама е пред сегашниот претседател Доналд Трамп, кој е на второто место.