Анкета меѓу републиканците: Десантис води со 23 поени пред Трамп
Во нова анкета во врска со потенцијалните републикански кандидати за претседател во 2024 година, гувернерот на Флорида, Рон Десантис, води пред Доналд Трамп со огромни 23 поени.
Републиканците и гласачите наклонети кон републиканците му нанесоа значителен удар на егото на поранешниот претседател во истражувањето спроведено од „УСА тудеј“ и Универзитетот Сафолк, објавено во вторникот.
Имаше добри вести за Трамп во друга анкета што го покрива истиот временски период, на „Морнинг консалт“, која му даде предност од 18 поени пред ДеСантис. Понатаму, веб-страницата за анкети FiveThirtyEight сè уште го покажува Трамп во водство во повеќето истражувања.
Сепак, Дејвид Палеологос, директор на Центарот за политички истражувања на Универзитетот Сафолк, изјави за „УСА тудеј“: „Републиканците и конзервативните независни сè повеќе сакаат трампизам без Трамп“.
Тоа беше многу јасно во подемот на Десантис, поранешен американски воен адвокат и тврдодесничарски конгресмен, кој како гувернер на Флорида водеше јасно тврдокорни, театрално сурови политики на Трамп, особено во однос на имиграцијата и образованието.
Трамп ја објави својата трета последователна трка за републиканска номинација веднаш по среднорочните избори.
Но, тој покажа мала динамика, особено по изборите на кои повеќето од неговите поддржани кандидати за клучни државни функции и во Конгресот доживеаја пораз, придонесувајќи за разочарувачкиот настап на републиканците.
Трамп е, исто така, во голема правна опасност, поради неговиот обид за изборна субверзија, задржувањето на досиејата во Белата куќа и неговите деловни афери.
„УСА тудеј“ соопшти дека нивната анкета покажала дека меѓу републиканците и републиканските гласачи, ентузијазмот за уште една трка на Трамп се намалува.