Анкета: Граѓаните со средна оценка за работата на Владата во првите 100 дена

Фото: Б. Грданоски

Средната оценка на граѓаните за работата на Владата во првите 100 дена е 2,46, покажува анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС и Телевизија Телма, спроведена од „М-Проспект“ од 6 од 24 декември по телефонски пат.

На прашањето „Како ги оценувате 100 дена работа на Владата“ со 1 ја оцениле 35,3 проценти, со 2 – 19,4 проценти, со 3 – 20,1 проценти, со 4 – 14,2 проценти и со 5 – 11 проценти од испитаниците.

Анкетата, исто така, покажува поддршка под 20 проценти и разлика од само 0,5 проценти меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Прашани „Доколку утре се одржат избори за која политичка партија би гласале“ најмногу 18,6 проценти рекле дека би гласале за СДСМ, 18,1 процент за ВМРО-ДПМНЕ, 6,7 проценти за ДУИ, 1,4 проценти за ДПА, 4,6 процетни за Алијанса за Албанците, 0,5 проценти за Алтернатива, 2,4 проценти за БЕСА, 6,2 процетни за Левица и 0,2 проценти за Интегра.

Значителен број граѓани 23,8 процент рекле дека „ќе го поништата гласачкото ливче/нема да излезат да гласаат“, а 17,5 проценти „одбиле да одговорат/не знам“.

Анкетата покажува дека најголема доверба граѓаните имаат во Зоран Заев (39,7%), потоа е лидерот на Левица, Димитар Апасиев (29,7%), а веднаш потоа се е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (28,3%) и лидерот на ДУИ, Али Ахмети (15,5%).

На прашањето „Колку сте согласни со Анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија, за гаранции на немање територијални претензии и за немешање во внатрешни работи, без навлегување во други вклучително и национални и идентитетски прашања?“, најбројни се испитаниците кои рекле дека воопшто не се согласуваат (43,6%), а заедно со оние кои донекаде не се согласуваат чинат мнозинство од граѓаните или 61,9%. Целосно или донекаде со оваа идеја се согласуваат околу една третина од испитаниците (33,5%).

За МЦМС и Телма, анкетата е спроведена од „М-проспект“ преку телефонска анкета во периодот од 16 до 24 декември 2020 година. Анкетата е направена на национално репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години.