Анкета: Филипче има поддршка од 82 отсто за работата


Огромни 82 проценти од граѓаните му веруваат на министерот за здравство Венко Филипче како се справува со кризата со корона вирусот. Ова е еден од резултатите од анкетата објавена во емисијата „Детектор“ на Сител. Само 11 проценти одговориле дека не се задоволни од работата на министерот. Анкетата е спроведена од Институтот за политички истражувања.

Расположението на граѓаните е подифузно околу непосредните закани од корона вирусот за нив. Над 40 проценти од граѓаните очекуваат да бидат заразени со коронавирусот, 24,1 отсто од анкетираните мислат дека веројатно нема да се заразат, 12,1 отсто се сигурни дека нема да се заразат. Ваквите различни бројки се појавуваат и околу развојот на ситуацијата со вирусот – 37,9 отсто сметаат дека во следните неколку недели ќе се влоши состојбата, а 31,6 отсто очекуваат подобрување.

Има голема поддршка и за работата на лекарите и медицинскиот персонал – повеќе од 60 мислат дека лекарите соодветно ги дијагностицираат и лекуваат пациентите, додека 14,3 проценти се убедени во спротивното. Дури 90 проценти од анкетираните ги поддржуваат мерките за забрана на јавни собири, затворање на ресторани и барови, училиштата и аеродромите, како и затворање на границите. За воведувањето на полицискиот час поддршката изнесува 74,8 отсто.

Наспроти овие податоци од анкетата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христинај Мицкоски, во интервјуто за емисијата „Трилинг“ на ТВ24 тврдеше дека Филипче лошо ја врши својата работа и тоа го илустрира со зборовите: „Што треба да направам, да излезам и да шлапкам со рацете за поддршка на Филипче?“

Анкетата за „Детектор“ е спроведена телефонски врз примерок од 1.116 испитаници во периодот од 18 до 21 март со маргина на грешка од +/- 3 проценти.