Анкета: 81 отсто од граѓаните би гласале за влез во ЕУ на референдум


Фото: Б. Грданоски

 

Многу висок процент од македонските граѓани би гласале Македонија да стане членка на ЕУ доколку утре се одржи референдум за членство во Европската унија, мал е процентот на тие кои се евроскептици. Граѓаните во нашата држава сакаат да живеат во демократска држава, но истовремено сакаат да имаат авторитарен лидер со „цврска рака“ кој ќе биде над законите. Во нашите држава најмногу се дискриминира во однос на етничка и национална припадност, но она што го нема како прашање во истражувањето е политичката дискриминација. Граѓаните имаат ниска доверба во институциите и политичките партии…

Ова е суштината на Европското општествено истражување спроведено од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во рамките на една поголема копмаративна анкета во повеќе европски држави, во која за прв пат уќествуваше и Македонија. Истражувањето е спроведено преку теренска анкета на примерок од 1.429 испитаници.

Во разговорот за „Цивилмедиа“, Јован Близнаковски, еден од раководителите на истражувањето во Институтот вели дека рекордни 81,10 проценти од македонските граѓани доколку се одржи утре референдум за членство во Европската унија би гласале Македонија да стане членка, а само 11,20 проценти би гласале против.

Истото истражувањето покажува дека во Србија е многу помал процентот на желба за членство во ЕУ, поточно само 46,40 проценти од граѓаните се за, додека пак 36,90 се против.

Според податоците граѓаните сметаат дека немаме слободни и фер избори, нема слободни медиуми и судовите не судат подеднакво за сите граѓани.

Истражувањето покажува и дека граѓаните имаат прилично лошо мислење за образованието, здравството и економијата и имаат ниска доверба во демократските институциите. Граѓаните имаат ниска доверба во политичарите и политичките партии.