Анима мунди: Здружение формирано пред два месеци ќе биде во раководните структури на ЈП Лајка

По година и пол мандат градоначалникот Петре Шилегов најавува конечно финализирање на стационарот „Вардариште“, па финализирање на финализирањето, се слика со кучиња по маси и преку медиумите најавува учество на здруженијата во тамошното управување, реагираат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“.
Јавноста е веќе запознаена дека Градот Скопје формираше ново Јавно претпријатие „Лајка“ – Скопје, со примарна и единствена дејност хуман третман на бездомните животни, а во одлуката за формирање на претпријатието се велеше дека „во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштита на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин кој ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.“
Од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ под знак прашалник ги ставаат овие „добронамерни“ мотиви на Градот Скопје, со оглед на тоа што утре заседава Советот за именување претседател и членови на Управниот и Надзорниот одбор на ЈП „Лајка“ – Скопје, а здружението „Анима мунди“ кое постои 10 години и дејствува во континуитет, кое спасува, стерилизира, вдомува и лекува улични животни, кое има публикувана повеќегодишна Стратегија за надминување на проблемот со бездомните кучиња со која ќе се гарантира јавната безбедност и здравствена заштита на населението не е контактирано, ни консултирано, ни покането да предложи соодветни лица за управните и надзорните структури.
Како што е наведено во одлуките кои треба да се разгледуваат утре, од активистите од невладиниот сектор со искуство од сферата, градот предлага членови од новоформираната организација Biker Paws (21 март 2019 година), активисти кои не ги познаваме, на кои пројавениот ентузијазам за оформување и позитивни општествени промени временски им коинцидира со периодот на оформување на ЈП „Лајка“.
Со исклучок на Теона Георгиевска која е активист кој подолг период спасува кучиња од Вардариште, спорен е предлогот на секој од наведените лица, наведуваат од „Анима мунди“.

На градоначалникот Шилегов, му порачаа дека немаат ништо против никого, не изненадени се од  тоа што во управните и надзорните одбори се предлагаат и ставаат подобни и/или партиски луѓе, „но не го ставајте активизмот во уста напразно и лажно! Приказната дека Вардариште е на активистите е манипулација и лага. Ова се некои ваши активисти кои сега прв пат стапнуваат во Вардариште“.

„Ние нема да дозволиме новоформирано здружение со искуство од неполни 2 месеца да биде некакво покритие со кое ќе демонстрирате лажна отвореност кон граѓаните и подготвеност за соработка…„Анима мунди“ како здружение кое бесплатно ви го стави на располагање своето искуство и знаење го исклучивте свесно и наменски.“
 
Инаку, „Лајка“ е новото име на „Вардариште“. Неодамна градот формираше ново јавно претпријатие и ја назначи Тина Петрушевска да раководи со овој стационар за улични кучиња, а како што најави, членови на управниот одбор ќе бидат граѓанските активисти и здруженија.