„Анима Мунди“: Свинската чума не е опасна за луѓето, а Македонија планира масакр

Здружението за заштита на правата на животните „Анима Мунди“ реагира на мерките со кои државата ќе се справува против африканската чума.

„Ако сите епидемии се решаваа со убивање, немаше да има живи суштества на планетава. Бараме итно Владата да ги отповика најавените монструозни мерки. Свињската чума не е опасна за луѓето, а само Македонија планира масакр на свињите, додека мерките во нашето соседство се сведуваат на хигиена, дезинфекција, исклучување на контакт, односно, движење на животните, пријавување на секое угинато животно, забрана за увоз и извоз“, велат од „Анима Мунди“.

Понатаму велат дека со трошење на 65 милиони денари од буџетот ќе се организира брутален колеж.

„Надокнада од 3.000 денари за секоја заклана свиња од страна на селските домаќинства, парична награда од 1000 денари за ловџиите за секоја застрелана единка. Каде живееме ние, се срамиме и ни се гади! Покрај насилниците, убијците, сторителите на други кривични дела кои се резултат на болен нагон, професионалните убијци, тореадорите, оние кои колат животни, шинтерите, оние кои поставуваат замки, џелатите, харпунистите, масовните убијци, терористите, сексуалните престапници, оние кои вршат експерименти врз животни, садистите, педофилите, постојат многу милиони болни луѓе на светот, а тоа се ловџиите, оние кои ги убиваат животните од чиста забава. Нагоните кои ги водат тие лудаци да со најкукавички средства убиваат немоќни животни, по својата бруталност ја надминуваат секоја граница на разум“, стои во соопштението.

Отстрел на дивите свињи, уништување на питомите свињи кои не се под биосигурносен надзор и засилени царински контроли на граничните премини за да се спречи неконтролирано внесување свинско месо, се дел од мерките што ќе бидат презмени за превенција и спречување на ширењето на болеста свинска чума во земјава.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство Трајан Димковски на прес-конференција во Владата истакнаа дека се преземаат сериозни и радикални мерки за да се спречат последиците од свинската чума, кои можат да бидат катастрофални за свињарството, но негативни и за целата економија. Штетата само по извозот би била меѓу 50 и 60 милиони евра, а вкупната над 100 милиони евра.