„Анима Мунди“ прашува: Имало ли обид да се прикрие убивањето на мечката?


Сашо Дранго со усмртената мечка

По информацијата дека заменик директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго убил мечка и се фотографирал со неа како трофеј, иако е законски заштитена во Македонија, денес „Анима Мунди“ излезе со нови прашања, меѓу кои дали ова му се случува првпат на овој функционер, дали веќе имал забрана за носење оружје во друга постапка и дали воопшто во институциите надлежни за тоа има пријава дека загинала мечка во сообраќајка изминатиот месец, како што се брани тој. 

„Веста дека од страна на Битолското обвинителство е отворен предмет за фотографијата на заменик директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, сликан со застрелана мечка, животно со највисок степен на заштита во Македонија,  е добар чекор кон разрешница доколку сакаме да се наречеме правна држава.Преку дадените изјави, Сашо Дранго ја инволвира и институцијата во која е функционер, како и луѓето кои работат таму, а кои нема да дозволиме да послужат како параван“, реагираа денес од „Анима Мунди“, додавајќи:

„Имајќи предвид дека во билтенот на МВР не постои податок на сообраќајна несреќа со мечка за месец декември, како и дека во случај на таква постапка има строго дефинирана процедура согласно Законот за дивеч и ловство и Законот за заштита и благосостојба на животните ( не смее да се постапува без МВР), како и дека мечката не е на пат туку во шума, и дека волку големо животно нема начин да се поместува за сликање освен доколку е свежо убиено, невкочането (се уште топло), очекуваме брзо согледување на реалната состојба, брзо постапување и најстрога казна.

Бараме  да се провери дали во месец декември постои пријава за убиство на мечка во некоја од надлежните институции или пак ОЈО. Доколку има пријава, дали службеници од МВР и пратеници се труделе да го сокријат случајот? Воедно бараме од министерот за внатрешни работи да провери и да ја информира јавноста дали Дранго, кој на сликиве го гледаме во ловечка униформа, наоружан со снајпер и двоглед, има забрана за користење оружје и истото му е одземено во предходна постапка, т.е. дали овој снајпер кој го гледаме сите е држен спротивно на закон?“ – стои во реакцијата на „Анима Мунди“.

Иако на фотографијата јасно се гледа дека заменик директорот носи и пушка со снајперски дурбин и стои покрај мртва мечка, во снег, среде шума, тој за ТВ Телма, негираше дека ја убил. Тврди дека мечката била усмртена при сообраќајна несреќа, а решавање на случајот ќе бара преку судски процес. Тој притоа сподели дека во лов на мечки бил во Финска од каде има фотографии со мечки, но тоа само е потврда дека е пасиониуран ловец на вакви животни а не спасувач.

„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па, како вработен во „Македонија пат“ бев таму, за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста ротино-битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави Сашо Дранго за „Телма“. Наофицијално  инспектор поднел пријава но за убиена мечка, а не настрадана во сообрачајна несреќа. 

Според македонското законодавство за мечката има трајна забра за лов. Во Законот за дивечот и ловството, во Член 11 стои дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогнување или вознемирување е строго забрането, додека во член 14 е наведена трајната забрана зе нејзин лов. Затоа, случајот покрена лавина од реакции на социјалните мрежи во кои меѓу другото се бара правдата да важи за „сите“, т.е. да нема наши и ваши и  дека Данго не убивал само мечки, туку и локални кучиња  кои имале сопственици. Еве дел од реакциите:  

„Сашо Дранго, заменик директорот на „Македонија пат“ и претседател на унијата на ветерани во Демир Хисар, во слободно време не само шо убива мечки, но ете убивал и кучиња. Една од неговите жртви е и Кафенко, во с. Бабино. Сведоците, но и сопственици на кученцето се плашеле да сведочат против него, оти “јак” човек да ти бил Сашо, оти од шо е толку јак зема пушка и тепа наоколу, кои закони кои глупости.  Сашо е над законите оти негова партија е на власт, никој не му може ништо“. 

„До кога вакви ќе се ставаат на функции само затоа што одработувале за партијата? Не бега младина заради материјален порив,  бега од овие и вакви болни ликови кои со години ги толерираш, па и со функции наградуваш. Нужни се сериозни психолошки тестови пред да поставуваш некој човек на државна функција“.

„Отворените непријатели не се страшни, страшни се ваквите квазипатриоти, кои за да заведат  народ се расфрлаат со патриотски флоскули, а потоа во своја држава дивеат и го сквернават името ВМРО. Традицијата не е да убиваш недолжни битија, иднината не е во варваризмот и злоделата“.

 

„Апел до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер под итно да го отстрани Сашо Дранго од сите партиски и дрѓавни функции, а државните органи да си ја завршат работата и да си ја добие заслужената казна по закон.Нема повеќе наши ваши, правда за сите подеднаква ако сакаме правна држава“.

„Тоа што МВР нема регистрирано сообраќајна несреќа во која имало мечка во декември, не е битно. Уште понебитно е што мечкава не е на пат, туку во шума. Има ич не е ни битно што заменик директорот на „Македонија пат“ службено онака си се шета со пушка. И си позира со мртва мечка „настрадана во сообраќајка“.Што правел, ја влечел од патот до шумата и ја врзал околу вратот само за да се слика, за да биде поубава позадината?И да, најстрашно е што ова ќе му помине, и наредниот пат кога службено ќе отстранува мечка од патот“.

„Немам веќе зборови. беше убиена мајка на две мечиња. Повредена срна  беше одземена од инспектори за да и се пружа помош и беше заклана за да ја изедат.По групите за “спортски лов” постојано се сликаат со убиени волци. Не знам каде е спортскиот дух во убивањето“.

„Дрскоста на претседателот на ветераните на ДПМНЕ од Демир Хисар и заменик директор на „Македонија пат“ да објавува фотографии со убиен дивеч произлегува од моќта во партијата,односно од “сработеното” за време на изборите. Дали институциите ќе се надминат и ќе го санкционираат случајот ,за кој е најавена кривична пријава од страна на Анима Мунди?“ 

„Не кревајте паника. Неизживеан ропак ставен на функција. Како да е прв или последен. Што има врска ако мечката е заштитена со закон?  И Охридско езеро е заштитено со закон, и шумите се заштитени со закон па последните 33 години маме им е*ете. Ама, народ си сака ваков живот.  За ден два како ништо да не  било. Пак ќе бидат криви ЦИА, Ватикан, ЕУ, Русија или Кина што сакаат да не уништат. Инаку, “патриоту”, таа мечка ја краси Македонија. Затоа е заштитена со  закон. Таа иста Македонија што за некој месец од уста нема да ја вадите пред избори“.

Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци.Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години.