Англија последен полуфиналист на ЕВРО 2020


Фудбалерите на Англија ќе играат во полуфиналето на Европското првенство 2020, откако вечерва во последното четвртфинале ја победија Украина со убедливи 4:0.

На средбата одиграна во Рим, двоен стрелец беше напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, кој погоди во 4. и 50. минута. По еден гол постигнаа дефанзивецот на Манчестер јунајтед, Хари Мегваер и играчот за врска на Ливерпул, Џордан Хендерсон.

Украина го заврши настапот на турнирот, а репрезентацијата на Англија во полуфиналето ќе игра со Данска.

Во другото полуфинале ќе се соочат Италија и Шпанија. 

Англичаните не примија гол ниту по петтиот натпревар

Репрезентацијата на Англија вечерва во Рим ја совлада Украина со 4:0 во четвртфиналето на ЕВРО 2020. Тимот на селекторот Герет Саутгејт сè уште нема примено ниту еден гол на турнирот.

Англија на претходните четири средби ги победи Хрватска и Чешка со по 1:0, со Шкотска одигра 0:0. Во осминафиналето Британците ја совладаа Германија со 2:0. На сите овие натпревари, голот го бранеше Џордан Пикфорд од Евертон.

На последните 10 натпревари на сите турнири, Англија прими само еден гол – во март од Полска (2:1).

Во полуфиналето на Евро 2020, Англија ќе се сретне со Данска на 7 јули.