Англија и САД се пласираа во осминафиналето на Мундијалот


 

Фудбалските репрезентации на Англија и САД се пласираа од групата Б во осминафиналето на светското првенство чиј домаќин е Катар.

Англија го освои првото место со седум бода, а втората победа во групата ја забележа против Велс кој го совлада со 3-0. Англичаните го надиграа противникот во вториот дел кога ги постигнаа сите голови. Два гола постигна Маркус Рашфорд, во 50. и 68. минута, а еден Фил Фоден во 52. минута. Вториот гол на Рашфорд беше јубилејниот 100-ти англиски гол во историјата на Светските првенства.

Фудбалерите на САД во директен натпревар беа подобри од Иран со 1-0 и го освоија второто место во групата со пет бода, додека Иран е трет. Стрелец на решавачкиот гол беше Кристијан Пулишиќ во 38. минута. По првиот дел, во кој Американците целосно доминираа, Иранците беа подобри во продолжение, барајќи гол и нерешен резултат кој ќе им беше доволен за да минат понатаму. Сепак, Американците и покрај многуте маки издржаа до крајот и со тоа изборија место меѓу 16-те најдобри репрезентации.

По ова се познати и првите два пара од осминафиналето на светското првенство. Англија, победник во групата Б, ќе игра против Сенегал, второпласираната селекција во групата А, додека САД ќе се соочат со Холандија, победничка од групата А.