Анѓушев: Стандардот расте, но не може преку ноќ да бидеме Швајцарија


Фото: Б. Грданоски

Економијата во последната години, особено во последните шест месеци ја донесовме до една реална сфера. Бројките покажуваат раст на инвестициите, раст на БДП, раст на извозот, раст на платите, раст на бројот на вработени. Со нив не може да манимулираме, ниту да додаваме, ниту да одземаме.

Ова го порача вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев во интервју за ТВ Телма. Тој додаде дека очекува и натаму да се задржи трендот на раст на платите и оти тоа без разлика дали Владата ќе биде таа што ќе ја зголемува минималната плата, туку пазарните услови ќе го направат тоа. Според него и кај граѓаните има влијание од овие бројки, но оти динамиката можеби не е таква како што некој се надевал.

-Да бидеме реални и објективни. Не постои волшебно стапче со кое преку ноќ како држава ќе се стигне до стандард како во Швајцарија или Германија. И ние тоа го знаеме и секој што е реален тоа го знае. Но дека бројките се подобруваат и растат за тоа не треба да има дилема, заради тоа што не баш секој го почувствувал тоа, но многу и го почувствуале гледајќи дека просечната плата за една година пораснала за близу шест проценти, можеби таа поединечно не пораснала, но просечно во државата е порасната и тоа е факт од кој нема бегање. Се вработиеле и 50.000 луѓе и ако ги прашате нив за нив е позитивно, рече вицепремиерот.

Во интервјуто се осврна и на проектот за изградба на електраната „Чебрен“ за која рече дека очекува да има сериозни инвеститори и проектот да успее за разлика од претходно по решавањето на политичките проблеми, членството во НАТО и извесниот датум за преговори.

-Тоа е поект со кој сите ние пораснавме. Го слушам откако знам за себе. Мислам дека конечно постигнавме еден консензус да биде со јавно приватно партнерство. Разликата со претходните тендери е дека со решавањето на политичките проблеми и членството во НАТО и извесниот датум за отворање претпристапни преговори, мислам дека ќе имаме инвеститори што ќе сакаат да го прават тој проект, рече Анѓушев.