Анѓушев се сретна со министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг


На маргините на самитот на ОБСЕ, почесниот конзул на Малта во Северна Македонија, Кочо Анѓушев имаше работен доручек со министерот за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг.

На средбата министерот Борг се заблагодари за работењето на почесниот конзулат во Скопје и за асистенцијата која им беше пружена на малтешки граѓани при нивни престој во земјава во случаи кога имаа потреба од дипломатско-конзуларна помош.

На состанокот се разговараше за ситуацијата во регионот во светло на идното проширување на ЕУ, за геополитичките случувања во Европа и пошироко, како и за можностите за економска соработка меѓу двете земји.

На средбата стана збор и за организацијата на состанокот на почесните конзули на Малта, кој ќе се одржи во февруари 2024 година во Валета.

Следната година Малта ќе претседава со 31-от Министерски совет на ОБСЕ, за што почесниот конзул Анѓушев упати честитки до министерот Борг.