Ангеловски: Против Словенија ќе го покажеме нашето најдобро издание


Селекторот Игор Ангеловски денеска го објави списокот за квалификациските натпревари против Словенија и Полска, мечеви кои се играат на 10. октомври во Скопје, односно 13. октомври во Варшава.

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација имаше големи проблеми при составувањето на овој список поради големиот број повреди и неизвесност околу настапот на некои играчи, но на крајот Ангеловски убеден дека на дуелот со Словенија фудбалерите ќе го покажат своето најдобро издание.

Списокот речиси во целост е истиот што беше на претходните натпревари. Дарко Велковски отпадна поради повреда, а ги чекаме последните медицински наоди за Енис Барди за да знаеме дали може да биде на располагање. Во националниот тим се враќаат Ристовски и Тошевски, а Бејтулаи нема да го имаме со Словенија поради три жолти картони. Убеден сум дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и дуел во кој ќе уживаме. Самите се донесовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа, изјави селекторот.

Ангеловски го соопшти и рецептот за да се дојде до важната победа против Словенија во квалификациите со цел да се остане во игра за второто место во групата.

Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме. Словенија сите мечеви ги одигра речиси со истите фудбалери. Истото практикуваме и ние. Менуваме само кога имаме повредени. Имаме неколку системи на игра кои во изминатите години ги користевме на натпреварите. Словенија е тим што има голман како Облак, лидер како Иличиќ, но очекувам една рамноправна битка, а сепак борба на секој дел од теренот. Јас верувам во овие фудбалери“, истакна Ангеловски.

Неминовно беше и прашањето околу Дејан Кулушевски, младиот фудбалер на Аталанта кој игра на позајмица во Парма, а ја воодушевува италијанската јавност со своите игри сезонава иако има само 19 години.

„Уште пред три години имав состанок со него и неговиот родител во Охрид. Уште тогаш му понудивме да игра за Македонија, но тој истакна дека сака да игра за У19 репрезентацијата на Шведска бидејќи се пласирани на ЕП. Пред еден месец, пред мечевите со Литванија и Израел му реков дека сум подготвен да го викнам и да му дадам шанса да игра, но тој повторно ја избра земјата во која е роден. Неговиот избор е Шведска и поради тоа го нема на списокот на репрезентацијата. Јас својата обврска како селектор ја исполнив, но неговиот избор беше јасен“, заклучи Ангеловски.