Ангеловски пред Естонија: Го почитуваме противникот, треба да бидеме максимално внимателни


Фото: Б. Грданоски

Селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски на официјалната прес-конференција спроти денешниот натпревар против Естонија во Талин од третото коло од групата „Ц“ во Лигата на нациите изјави дека противникот има добри фудбалери и треба да се почитува.

– Се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Мечот против Косово веќе е зад нас и целосно сме фокусираме на претстојниот натпревар. Стартувавме добро во групата од Лига на нации и нашата цел е освојување на трите бода на овој дуел. Квалитетот на моите фудбалери ми дава право да верувам дека ќе успееме, навистина сум среќен што работам со оваа група на фудбалери кои на секој следен натпревар ја потврдува својата вредност. Сите се ставаат во функција на тимот и на тој начин ги покриваме и проблемите кои ги имаме со повредени фудбалери. Го почитуваме противникот, имаат добри фудбалери, Туњов од Спал, Васиљев од Флора и треба да бидеме максимално внимателни, изјави селекторот Ангеловски.

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Иван Тричковски пред дуелот со Естонија во Лигата на нациите се надева дека сите фудбалери ќе го сфатат максимално сериозно мечот во Талин и дека ќе одиграат на високо ниво.

– Фокусот ни е насочен кон нашиот тим, иако го сметаме за многу сериозен составот на Естонија. Важно е да бидеме на високо ниво, иако доаѓаме по исклучително важниот натпревар против Косово во кој го постигнавме тоа што го сакавме. Се подготвуваме да го овој добиеме. Се надевам дека сите ќе го сфатиме максимално сериозно и ќе одиграме на наше, високо ниво, изјави Тричковски.