Ангеловски: Подготвен сум да ги прифатам сите услови на ФФМ за нов договор


Игор Ангеловски, чиј селекторски мандат истекува денеска, порача во интервју за домашните медиуми дека е подготвен безусловно да ја предводи македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство (ЕП) во 2021 година. 

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) Муамед Сејдини, претходно неделава најави дека името на селекторот, кој ќе ја предводи репрезентацијата на ЕП идното лето ќе биде познато наскоро, додавајќи оти Ангеловски ќе биде првиот со кого ФФМ ќе преговара. 

– Му благодарам на претседателот Сејдини што ме смета за прв избор, мислам дека со постигнатите резултати го заслужив тоа. Сакам да ја информирам јавноста дека сум подготвен да ги прифатам сите понудени услови во форма на договор од страна на ФФМ и истиот да го потпишам, изјави Ангеловски во опширно интервју за порталот „макфудбал.мк “. 

Ангеловски додаде оти подготвен „сите детали од договорот да се објават јавно на прес-конференција“. 

– Не сакам јавноста да добие погрешен впечаток дека од моја страна ќе бидат поставени некакви услови. Јас секогаш го ставам во преден план националниот интерес пред личниот, истакна Ангеловски, 

Четириестичетиригодишниот Ангеловски седна на селекторското столче во ноември 2015 година, а пет години подоцна ја однесе македонската репрезентација на завршницата на ЕП, што ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули идната година.