Ангеловски: Не се жалам за отсуствата, знам дека можеме да ја победиме Словенија


Македонската фудбалска репрезентација денеска ги започнува подготовките за натпреварот против Словенија во рамките на квалификациите за ЕП 2020, кој се игра на 10. октомври од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

На брифингот со медиумите, селекторот на националниот тим, Игор Ангеловски истакна дека верува во фудбалерите кои ги има на располагање и се надева на победа и покрај тоа што мора да се соочиме со отсуството на неколку клучни фудбалери, а оние кои ги немаше претходно се уште не се во врвна форма поради претходните повреди. На собирот во хотел „Гранд Плаза“ на тимот му се приклучија дополнително повиканите Марио Младеновски од Вардар и Ѓорги Стоилов од Академија Пандев.

– Прогнозите за Барди се остварија, изгубивме уште еден важен член во пресрет на натпреварите на репрезентацијата. Токму затоа, a и поради суспензијата на Бејтулаи за првиот меч, се одлучив да повикам двајца нови фудбалери од домашното првенство. Столиов долго време игра во нашата лига, тој е еден од лидерите на Академија Пандев и кога ни фалеше Барди, решив да го повикам. Што се однесува со Младеновски, на само 19 години одигра на врвно ниво на дербито со Шкендија и мислам дека има репрезентативен калибар, изјави Ангеловски.

– Очекувам на овој собир да не одминат сите проблеми и добро да се подготвите, затоа што сите знаеме што значи овој натпревар за нас. Без разлика на отсуствата, не се жалам, верувам во квалитетот на сите што се тука и дека со една максимална борбеност и дисциплина, можеме да дојдеме до нашата заедничка цел, а тоа е да го добиеме натпреварот со Словенија, дополни селекторот.

Заменик капитенот во нашата репрезентација Стефан Ристовски вели дека овој тим има квалитет и може да победи на домашен терен. Фудбалерот на Спортинг Лисабон отсуствуваше поради повреда, вели дека не е доволно подготвен, но ќе даде сѐ од себе да помогне колку што може.

– Ни следат два тешки натпревари со сериозни репрезентации, со сериозен список на играчи, кои во изминатиот период покажаа дека се квалитетни. Добро е што Македонија е во трка за второто место, но пред се треба да се сконцентрираме, прво на Словенија, а потоа и на се друго. Се надеваме на позитивен резултат и да покажеме дека Македонија е подготвена. Мина еден долг период од мојот последен меч, пропуштив цели подготовки, но оние што ме знаат, знаат дека сум човек кој не се откажува. Имам една недела тренинг, но ќе видиме колку ќе може да издржам. Овие мечеви бараат одговорност. Факт е дека не сум спремен, но тука сум да помогнам колку можам, изјави Ристовски.