Ангеловски не менува многу: Со исти сили против Израел и Летонија, Стојановски единствено ново име


Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски го објави списокот од 23 фудбалери на кои ќе смета за престојните два натпревари од квалификациите за ЕП 2020 против Израел на 5. септември, односно Летонија четири дена подоцна.

Ангеловски се одлучи да оди со проверени сили, без многу промени во составот, иако беше видливо по мечевите со Полска и Австрија дека е неопходно да се направи пресек на работите, да се направи анализа, да се закопаат некои „воени секири“ и можеби да се повикаат некои нови или „заборавени“ имиња. Но, овие имиња кои се на списокот на селекторот имаат големи кредити со игрите и резултатите во последниот период, па така Ангеловски одлучи да им верува на проверените сили, а нив ќе ги предводи капитенот Горан Пандев.

Единствено ново име на списокот, а воедно и дебитант во сениорската репрезентација е најдобриот стрелец во ПМФЛ за минатата сезона и човекот кој направи бомбастичен трансфер за наши услови, кога летово тетовска Ренова ја замени со францускиот прволигаш Ним за милионски трансфер.

Комплетниот список на повикани играчи за натпреварите со Израел и Летонија:

Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дејан Илиев (Серед, Словачка), Дамјан Шишковски (Работнички);

Одбрана: Висар Муслиу (МОЛ Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија), Езџан Алиоски (Лидс Јунајтед, Ангелија);

Среден ред: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Бобан Николов (МОЛ Фехервар, Унгарија), Стефан Спировски (Ференцварош, Унгарија), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Кире Маркоски (АЕЛ Лимасол, Кипар), Марјан Радески (Шкендија), Љупчо Дориев (Академија Пандев);

Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Илија Несторовски (Удинезе, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Велкоски (Сарајево, БиХ), Влатко Стојановски (Олимпик Ним, Франција);

Собирот на репрезентацијата е закажан за 2. септември (понеделник) во 12:00 часот во хотел „Парк“ во Скопје.