Ангеловски и Ристовски ветуваат добар настап против Ерменија


Селекторот на фудбалската репрезентација, Игор Ангеловски на прес-конференција пред дуелот со Ерменија во Скопје во сабота од 15 часот, изјави дека имал можност да види каква е формата на фудбалерите и добил слика како треба да изгледа тимот кој ќе донесе посакувани резултати.

– Се обидов да го анализирам системот кој го користи ерменскиот селектор. Мислам дека имаме квалитети да бидеме екипата која ќе се прашува за многу работи на мечот. Сакам да доминираме и да ја контролираме играта, изјави селекторот.

Ангеловски додаде и дека утре нема да настапи Иван Тричковски бидејќи не го издржал последниот тренинг.

– Се надевам дека за Грузија ќе биде подготвен. Одиме од натпревар во натпревар за да ја оствариме целта и да се пласираме на Европското првенство, изјави тренерот на „жолто-црвените“.

Репрезентативецо Стефан Ристовски пред дуелот изјави дека распоредот е густ, но нема многу причини да се бара алиби за лоши резултати.

– Што е тука е. Нè чека нов циклус во Лигата на нации кој ќе се одигра во посебни услови предизвикани од коронавирусот. Сите се сеќаваме на последниот пораз во Ереван и тоа ни е мотивација да одиграме подобро на овој натпревар на домашен терен. Недостатокот на публика ќе биде проблем, но досега се навикнавме да играме во новите услови, истакна Ристовски.

Натпреварот Македонија – Ерменија се игра утре од 15:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.