Ангеловска: Никаде не се простуваат каматите на кредитите


Министерката за финансии Нина Ангеловска не им забележува на банките затоа што тие пресметуваат камати на основицата на долгот во шестмесечниот период колку што трае одложувањето на ратите од кредитите. Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, таа рече дека е неопходно да се одржи стабилноста на банкарскиот систем.

И во земјите кои воведоа таканаречен мораториум на кредитите, каматите комплетно не се бришат или одложуваат или простуваат. На пример Словенија, Црна Гора, Албанија и Србија исто така имаат мораториум, но редовните камати се пресметуваат и се репрограмираат во наредниот период“, рече Ангеловска.
Таа додаде дека заштитата на банкарскиот сектор не значи дека Владата не бара од банките да се солидаризираат, туку дека целта е граѓаните да се заштитат и на долг рок, бидејќи стабилноста на банките е важна за заштита на граѓаните и нивните средства и во иднина.

Економската стабилност на една земја зависи и од стабилноста на банките. Неопходно е банкарскиот сектор да продолжи нормално да функционира и во кризата и после неа“, рече министерката за финансии.