Ангеловска не ја коментира одлуката на Уставниот суд, но смета дека сите треба да бидат солидарни


За екстра лесното гориво пристапот не е анти-кризна мерка туку системско и долгорочно решение: Нина Ангеловска

Министерката за финансии Нина Ангеловска не сака да ја коментира одлуката на Уставниот суд за оспорување на уредбата на Владата со која сите именувани лица требаше да земат минимална плата од 14.500 денари, но вели дека сите треба да бидат солидарни во ситуација кога земјава се справува со коронавирусот.

На прес-конференцијата во Владата, Ангеловска рече дека како министер останува на ставоти оти сите треба солидарно да понесат дел од одговорноста.

– Сметам дека и администрацијата треба да понесе дел од товарот кој го носи приватниот сектор и вработените во приватните компании, а кои се оние кои го полнат Буџетот. Не би ја коментирала одлуката на Уставниот суд, но очекуваме дека сите ќе бидат солидарни и никој нема да остане недопрен во оваа криза. Тоа е многу важно да го прикажеме преку своите дела, истакна Ангеловска.

Таа сепак рече дека сега ќе треба да се изнајде решение за средствата кои веќе биле скратени и со владина Уредба прераспределени за други намени. Станува збор за околу 240 милиони денари, или околу 4 милиони евра, колку што изнесуваа заштедите во Буџетот врз основа на намалувањето на платите за избраните функционери за два месеци.