Ангеловска: Мерката 14.500 по вработен врати на работа 500 отпуштени работници

Мерката 14.500 денари финансиска поддршка по вработен е добро дизајнирана и за неа се имаат пријавено околу 24.000 компании и околу 6.000 самостојни вршители на дејност. Во гостување на телевизија 24 министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека е задоволна од одѕивот на компаниите, како и дека има податоци дека изминатите неколку дека работодавачите вратиле околу 500 вработени на работа за да ја користат мерката.

Ангеловска, како што соопштуваат од Министерството за финансии, рече дека одѕивот на фирмите е голем, а за колку работници станува збор, ќе се види кога компаниите ќе го пополнат мпин образецот. Во однос на компаниите од погодените индустрии како угостителство и туризам, Ангеловска вели дека најголем број од регистрираните фирми од оваа дејност се пријавени.

-Во угостителство и туризам има регистрирани вкупно 4.400 субјекти, значи ако се земат бројките од пријавените од овие сектори, најголем број се пријавиле за користење на мерката. Интересот на компанииите за мерката покажува дека таа била добро дизајнирана, дека компаниите се задоволни, односно се заинтересирани да аплицираат. Ќе видиме точно колку работни места ќе поддржи мерката, кога ќе ги пополнат МПИН образците. Но, ни дава за право да кажеме дека ќе бидат заштитени голем број на работни места, што беше и целта на мерката. Ние очекувавме и калкулиравме дека мерката ќе заштити околу 200.000 работни места, рече Ангеловска.

Во однос на честите промени на уредбата, Ангеловска вели дека имало флексибилност и дијалог со цел сите засегнати страни да бидат задоволни. Таа посочи дека никогаш не се поддржувало отпуштање работници, туку во интерес на работниците требало да се ограничи намалувањето на бројот и на определено и на неопределено време, додека во сите други земји за вакви слични мерки се ограничува бројот на отпуштени работници само на неопределено време.  

– Во последната уредба се само транспонирани точките од Законот за работни односи. Единствената промена беше земање на месец април, додека дадовме можност и оние компании кои што отпуштиле дел од работниците, да можат да ги вратат до 7 мај, се со цел за да ги заштитиме и тие работни места. Околу 500 вработени кои биле одјавени, до вчера беа вратени назад на работните места. Ниедна држава нема интерес да се отпуштаат вработени, која држава би сакала да има поголема стапка на невработеност? Ние се трудиме да ги задржиме луѓето продуктивни на работните места затоа што подобро е да бидат на работните места за кога ќе почне фазата на обнова таа компанија побрзо да закрепне отколку да кажеме дека ќе ги згрижи системот, вели Ангеловска.