Ангеловска: Кажете на три пријателки што слушнавте за ракот на дојка, така се крева свеста


Министерството за финансии се вклучи во активностите за зголемување на свесноста за ракот на дојка. Со обраќање на министерката за финансии Нина Ангеловска и предавање на доктор Светлана Темелковска, специјалист радиолог од Институтот за радиологија и претседател на Здружението за радиологија на рак на дојка, вработените беа инспирирани проактивно да однесуваат кон најчестиот карцином кај жените.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, како што информираат од Министерството за финансии, рече дека поводот за овој настан е месецот за борба против ракот на дојка.

– Кога ги прочитав статистиките дека дури 80 проценти од пациентите дијагностицирани со карцином на дојка немаат семејна историја, се исплашив, затоа што сите мислиме дека најголема е веројатноста да заболите ако сте го имале во фамилијата. Сите сметаме дека болеста е далечна додека не ни се случи нас. А кога ќе се случи, се друго станува неважно, рече Ангеловска.  

Во секојдневната битка со брзиот живот, обидувајќи се едната секунда да се искористиме како две и да одговориме на сите предизвици, забораваме на здравјето, посочи Ангеловска  и потоа се запрепастуваме кога ќе дознаеме дека нешто му се случило на наш близок, но и тоа за неколку дена ни избледува.

– Клучната порака што јас би сакала да ја упатам е дека за успехот во било што и за одржување на здравјето многу е важна самодисциплината. Во овој случај, самодисциплината значи самопреглед, кој одзема само две минути. Би сакала да тргнеме од нас, бидејќи сме женска институција, да бидеме проактивни и во самопрегледи и во контролни прегледи кај доктор. Можеме да ја кренеме свеста и сакам ние како институција да бидеме пример. Ако секоја од нас тука, раскаже на по три пријателки како се прави самопреглед и што слушнавте, секоја од нас ќе има влијание во кревање на свеста. „Заборавив“ и „немам време“ не се оправдувања, зашто освен обврските кон другите сите имате обврски и кон себе, рече министерката Ангеловска.

Доктор Темелковска, укажувајќи дека организирањето на стручни предавања за ракот на дојка е типично европско однесување на грижа за здравјето на вработените, посочи дека како радиолог не сака само месец октомври да биде месец за подигнување на свеста за карционом на дојка туку едукацијата за болеста треба да биде трајна активност.

– Жената треба да прави месечни самопрегледи, да доаѓа на редовни контроли по навршени 40 години возраст, на секои две години. За жените со семејна историја на болеста, препораката е еднаш годишно преглед, по навршени 35 години. За секоја нова промена на дојките што ќе ја забележите, треба да консултирате доктор. Не плашете се, ракот на дојка се лекува, рече доктор Темелковска.

Вработените во Министерството и поставија на доктор Темелковска многу прашања, меѓу кои кога прв пат и колку често треба да прават мамографија, дали ако се утврди нешто, веднаш треба да се прави биопсија и како е поврзана мамографијата со доењето.