Ангеловска: До крајот на неделата 100.000 платежни картички до граѓаните


До крајот на неделата се очекува да се дистрибуираат околу 100.000 картички од банките до корисниците на домашни платежни картички, а веќе 10.000 граѓани ги имаат добиено картичките и можат да ги користат, изјави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска на гостувањето во „Утрински брифинг“. 

– Нов податок што го имаме од утринава е дека до крајот на неделата се очекува да бидат дистрибуирани 100 илјади картички. 10 илјади граѓани веќе ги имаат добиено картичките, може да плаќаат и да купуваат со тие платежни картички. И бидејќи најголемиот број од картичките е кај три од поголемите банки кои дистрибуираат, до крајот на неделата се очекува околу 100 илјади картички да завршат и да бидат дистрибуирани кај граѓаните. Интензивно секој ден се доставуваат, дистрибуираат, подигнуваат платежните картички, истакна Ангеловска. 

Лицата кои се опфатени со уредбата, а кои поради техничка грешка ги нема на листата, ќе можат да поднесат приговор до утре. 

За време на викендот е одговорено на над 1.000 граѓани кои поднеле приговори. Се работи за дистрибуирани мејлови до соодветните институции, дали е тоа Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика... со цел да се проверат по матичен број, да се увиди дали се работи за техничка грешка и испуштање или за поднесен приговор, а лицето можеби не ги исполнува условите согласно уредбатаСите кои треба да добијат, а поднеле приговор, ќе добијат платежна картичка, додека на останатите ќе им биде одговорено. Но, да имаме предвид дека процесот ќе потрае со оглед на големиот број мејлови, рече Ангеловска.

Во однос на барањето на пасивните баратели на работа, министерката посочи дека ова е обемна мерка и дека се однесува на активните баратели на работа кои сакаат да бидат вработени. Лицата кои не бараат работа преку Агенцијата не соодвествуваат на таргет категоријата.

-Лимитот е поставен на одредено ниво и се работи за обемна бројка од 120 илјади. Да не заборавиме да напоменеме дека претседателот на Владата ги презентираше мерките и точно овој критериум на 17 мај беше посочен, така што 5.000 нови лица кои не биле пријавени како активни баратели се пријавија до 22 мај, до соодветниот рок. И тие лица влегоа во листата. Значи имаше и соодветен период во кој лицата кои бараат работа можеа да се пријават во Агенцијата за вработување, појасни Ангеловска.

Таа посочи дека преку овие мерки се стимулира стопанството и економијата и се очекува да се амортизира ударот врз економијата.

– Се е дизајнирано на тој начин да ги ублажи последиците врз економијата, подвлече Ангеловска.