Ангеловска до Димитриескa-Кочоска: Наместо меѓупартиски препукувања енергијата да се насочи кон работа


Граѓаните се уморни од дневно политички препирки и ако енергијата која се троши на политички меѓупартиски препукувања и дневно поентирање кон работа и конструктивност, економијата и општеството ќе имаа многу подобри резултати, одговори министерката за финансии Нина Ангеловска на новинарско прашање на дневен настан за обвинувањата за нетранспарентност и несоработка од страна на дополнителната заменик министерка Гордана Димитриескa-Кочоска.

„Сметам дека граѓаните се малку уморни од овие дневно политички обвинувања и обиди за наслови во медиуми наместо да се работи. Не е проблем, ние ги одговараме барањата, немаме што да криеме, сѐ што работи Министерството за финансии е најтранспарентно, не знам дали била работата потранспарентна. Замислете целата таа енергија која се троши на дневно политички меѓупартиски препирки, препукувања и обвинувања се насочи кон барање на решенија, солуции, конструктивна дебата, замислете како може да се движи нашата земја и да се менува нашиот ментален склоп. Јас би повикала на тоа – со позитивна енергија со желба за работа да се обидеме да ја насочиме енергијата онаму каде што е потребно за доброто на нашата земја и за доброто на граѓаните“, рече Ангеловска.

Ангеловска и посочи дека транспрентноста е на највисоко ниво, како и дека до крајот на неделата ќе се пушти новата алатка за транспарентност на јавниот долг.

Дополнителната заменичка Гордана Димитриеска-Кочоска вчера преку соопштение до медиумите реагираше на изјавите на Ангеловска за реализацијата на капиталните инвестиции и за (не)навремената исплата на платите за вработените во градинките и образованието. Притоа обвини дека вештачки се зголемува процентот на реализација на капиталните инвестиции, како и дека е недозволиво министер за финансии да не е запознаен дали има пуштено налог во трезорот за исплата на плати.