Ангеловска: До 15 април повратот на ДДВ кон фирмите е зголемен за 20 отсто


Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска информираше дека од почетокот на годинава до 15 април односно во првата половина од месецот повратот на ДДВ кон фирмите е зголемен за 20 проценти или за 20 милиони повеќе.

-Само во првата половина во април е зголемен поврат на ДДВ за 65 проценти во однос на истиот период минатата година, рече Ангеловска на прес-конференција на која беше соопштено дека се исплатени субвенциите за тутунот за 2019 година.

Одговарајќи на новинарско прашање за колку тоа ќе се намали БДП, Ангеловска посочи на проекциите на Министерството за финансии.

-Ние солидно ја започнавме годината во првите два месеца, бидејќи ефектите од ударот на кризата веќе се почувствуваа во месец март, овие позитивни движења ќе се неутрализираат со ударот од март, но сепак очекуваме раст на економската активност. Најголемиот удар се очекува во вториот квартал. Предвидуваме во вториот квартал најголема контракција во економијата со износи од околу 15 проценти, благо опоравување во третиот квартал и позитивен раст во четвртиот квартал, рече, меѓу другото, Ангеловска.