Ангеловска демантира дека подигнала штеден депозит од Еуростандард банка


Министерката за финансии, Нина Ангеловска, вечерва демантираше дека подигнала штеден депозит од Еуростандард банка непосредно пред Народната банка да и ја одземе дозволата за работа на банката за што претходно во денот за такво нешто беше обвинета од ВМРО-ДПМНЕ.
Од оваа партија тврдеа дека Ангеловска кога дојде на позицијата министер за финансии во својот Анкетен лист пријавила дека има депозит во вредност од 250.000 евра во Еуростандард банка. Притоа, од ВМРО-ДПМНЕ побараа Ангеловска да одговори „дали и пропаднаа 250 илјади евра, пари од заштеда кои самата ги има пријавено, а ако не се, односно истите ги повлекла, со оглед на фактот што тие пари согласно имотниот лист не ги располага веќе во таа банка, тогаш тоа е огромен скандал“. За ВМРО-ДПМНЕ тоа беше повод одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка да го споредат со случајот на битолската штедилница ТАТ.
Во реакцијата од Министерството за финансии ваквите тврдења ги нарекоа лажни вести.
„Министерката за финансии Нина Ангеловска најостро ги демантира лажните вести дека подигнала штеден депозит од Еуростандард банка, по добиена информација дека банката ќе ја изгуби лиценцата за работење. 

Сите промени на имотната состојба на министерката се уредно пријавени во анкетниот  лист и ги охрабруваме новинарите-истражувачи да ги погледнат датумите на пријавените промени. Потенцираме – промените се направени пред подолг период и јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка“, се вели во реакцијата.

Од Министерството за финансии додаваат дека во повеќе наврати биле пласирани лажни вести во обид да го нарушат угледот и репутацијата на министерката за финансии.

„Очекуваме дека медиумите кои се информатор на граѓаните и кои носат одговорност во вакви ситуации кога пласирале непроверена и неточна информација ќе делуваат навремено и истата ќе ја повлечат, а воедно ги охрабруваме слободно да ги проверат информациите од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК)“, ссе вели во реакцијата.