Ангеловска-Бежоска ‒ Ханиг: Народната банка презема мерки за поттикнување на зелените финансии


Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во Вашингтон остварила средба со извршниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг, на која се разговарало за залагањата на Народната банка за олеснување на пристапот до финансиските услуги коишто ќе обезбедат премин кон еколошки одржлива економија.

Од Народната банка денеска соопштија дека на средбата акцентот бил ставен на идните развојни политики за зелена финансиска вклученост, чија цел е да се поттикне приватниот сектор да понуди услуги и да преземе активности што се насочени кон градење отпорност на потенцијалните ефекти од промените на климата.

Гувернерката во разговорот истакнала дека Народната банка воспостави стратегиски пристап кон зелените финансии преку подготовка на првата Стратегија за поттикнување на зелените финансии, што вклучува повеќе активности за намалување на климатските ризици и поддршка на одржливиот развој. Таа посочила дека овој пристап ја потврдува определбата за систематска и долгорочна интеграција на климатските фактори во финансиската стабилност и политиките на централното банкарство.

– Промените коишто ги иницираме имаат за цел не само да ја унапредат отпорноста на банкарскиот систем, туку и да обезбедат поддршка за економијата во процесот на декарбонизација и енергетска ефикасност, посочила Ангеловска-Бежоска.

Таа навела дека заради транспарентност, Народната банка воведе регулативни барања поврзани со објавувањето податоци за зелените кредити и за изложеноста на банките на климатски ризици, со што се поставува основа за редовно информирање на јавноста за придвижувањето на финансискиот сектор кон зелени практики.

– Како дел од нашите заложби, го објавивме и првиот преглед на зелени финансии – сеопфатен документ што ги опфаќа статистичките податоци и показателите за животната средина, енергетиката, климатските ризици и зелените финансии. Покрај ова, преку активно учество во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС), експерти од Народната банка учествуваа во изработката на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските промени за централните банки, што претставува важен чекор кон градење светска регулативна рамка во оваа сфера, истакнала Ангеловска-Бежоска.