Ангеловска-Бежоска: Потребно е одржливо финансирање на енергетската транзиција


Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на конференцијата на високо ниво „Влијанието на енергетската транзиција врз нашите економии и финансискиот сектор – предизвици и можности“, што ја организираше Холандската централна банка, информираа од кабинетот на гувернерката.

На овој настан што се одржа во Амстердам, учествуваа гувернери и заменици на гувернери на централни банки, вклучително и вицегувернерката Емилија Нацевска, како и високи претставници на меѓународни финансиски институции и професори на реномирани истражувачки и универзитетски центри од Европа.

„Во рамки на конференцијата се одржаа три тематски сесии од кои една беше посветена на енергетската транзиција, која е неопходна заради справување со глобалните климатски промени, и ефектите од транзицијата врз реалната економија, а преку тоа и врз финансискиот систем. Во овој контекст се разговараше за предизвиците со кои можат да се соочат централните банки од аспект на одржувањето на финансиската стабилност и спроведувањето на монетарната политика, како и за активностите што централните банки би можеле да ги преземат заради поддршка на овој процес. Притоа беше разгледана и потребата за одржливи извори на финансирање на енергетската транзиција и улогата на меѓународните финансиски институции и институционалните инвеститори во овој сегмент. Со оваа сесија претседаваше гувернерката Ангеловска-Бежоска, а учесници беа и глобалниот директор на Светската банка за макроекономија, трговија и инвестиции, Марчело Естевао и Елој Линдејер, претставник на ПГГМ – организација што управува со повеќе пензиски фондови со портфолио од околу 252 милијарди евра“, се вели во соопштението од Народната банка.

Гувернерката го искористила своето учество на конференцијата организирана од Холандската централна банка и за да оствари повеќе средби со колеги од Европа, во кои акцентот беше ставен на продлабочување на соработката, како и на повеќе актуелни прашања за европската економија.