Ангеловска-Бежоска: Порелаксираните финансиски услови да се искористат за финансирање иновативни проекти


Монетарната политика во наредниот период ќе остане релаксирана. Притоа, секако, ќе се води сметка за одржување на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и порачува овој период да се искористи за финансирање продуктивни и иновативни проекти.

Ангеловска-Бежоска во излагањето на годинашното издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст“ оцени дека токму таквите проекти ќе имаат не само краткорочни ефекти врз економскиот раст, туку ќе овозможат и структурни подобрувања и подигнување на долгорочниот потенцијал на економијата.

– Овој период на порелаксирани финансиски услови во банкарскиот систем, треба да биде искористен за насочување на финансирањето кон продуктивни и иновативни проекти кои ќе имаат не само краткорочни ефекти врз економскиот раст, туку ќе овозможат и структурни подобрувања и подигнување на долгорочниот потенцијал на економијата, што е клучно за побрза реална конвергенција по завршувањето на пандемијата, порача Ангеловска-Бежоска во завршницата на своето излагање.

Ова е прва криза во која, како што напомена гувернерката, иницијалниот одговор на Народната банка е олабавување на монетарната политика.

– Просторот за водење ваква монетарна политика е овозможен со конфорното ниво на девизните резерви, отсуството на нерамнотежи и малите и ограничени ефекти врз процесот на евроизација, односно врз довербата на субјектите. Заедно со регулаторната флексибилност на Народната банка, ваквата политика придонесе за натамошно намалување на цената на кредитите и за забрзување на кредитната активност, што обезбедува поддршка на економијата. Всушност, каматните стапки на кредитите во нашата економија се едни од најниските во регионот, додека динамиката на кредитен раст е над просечната во регионални рамки, истакна Ангеловска-Бежоска.