Ангеловска-Бежоска: НБ ќе ја одржи стабилноста на цените и на денарот


Најновото стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и кај банкарскиот систем во целина, од минатата година, отпорноста на шокови е зголемена. Системот е здрав и стабилен, со  висока и стабилна ликвидност и солвентност: Ангеловска-Бежоска.  

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по повод 28 години од монетарното осамостојување на Македонија се обрати до јавноста со пригодно обраќање во кое зборува за функционирањето на Народната банка како самостојна централна банка, но и уште еднаш ја нагласи цврстата определба на НБ за одржување на стабилноста на цените и на стабилноста на домашната валута. Во продолжение пренесуваме дел од нејзиното обраќање:

„Денешниот ден е длабоко втиснат во нашата историја. На 26 април 1992 година, независноста на нашата држава беше заокружена со клучно парче од мозаикот – монетарниот суверенитет. Пред точно 28 години беа поставени основите на монетарната самостојност, со воведувањето на денарот за наша парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар. Воедно, и Народната банка започна да функционира како самостојна централна банка, исправена пред низата предизвици во тие турбулентни времиња на раздвојување од дотогашната југословенска држава.

Ова обраќање се случува во период кога целата глобална популација се соочува со пандемија од одамна невидени размери. Но дозволете само на кратко да се оддалечиме од тегобноста на секојдневјето и да се потсетиме на овој клучен ден во монетарната историја, кога со многу посветеност, пожртвуваност и визија започна да се гради нашата современа централна банка. Централна банка со мисија којашто била јасна уште во првите денови – да се создаде независна и одговорна институција што ќе се справи со тогашниот предизвик за макроекономска стабилизација и ќе изгради капацитет да се приближи кон централните банки во развиените пазарни економии.

Од оваа временска дистанца, верувам дека предизвиците на тимот којшто ја водел Народната банка во првите години од осамостојувањето биле огромни. Првите години од монетарното осамостојување се период на хиперинфлација, рецесија, недоволно ниво на девизни резерви, постојана депрецијација на домашната валута и општа макроекономска нестабилност. Само заради илустрација би потсетила дека непосредно по монетарното осамостојување, курсот депрецираше речиси на дневна основа, што заедно со високата монетарна и фискална експанзија доведе до хиперинфлација – на пример во 1993 година просечната инфлација достигна близу 350%, а сето тоа имаше погубни ефекти за економијата. Со заеднички напори на носителите на политиките и на науката, брзо се донесени политиките за справување со нестабилноста на курсот и на инфлаторната спирала, што заедно со поддршката од меѓународните финансиски институции овозможи стабилизирање на економијата и поставување на пазарни принципи на функционирање. Во октомври 1995 година, беше воведена и монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на германската марка, а од јануари 2002 година во однос на еврото – стратегија за којшто и тогаш и сега постои консензус дека преставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија.

По дваесет и осум години од монетарното осамостојување, денес, со задоволство констатирам дека Народната банка е институција чијшто кредибилитет и интегритет постојано се потврдуваат. Одржувањето на ценовната стабилност е основна законски дефинирана цел на монетарната политика на Народната банка. И покрај низата шокови од надворешното и домашното окружување со коишто македонската економија се соочи во изминатите години, просечната стапка на инфлација ја одржуваме на ниво од околу 1,5%, што е многу блиску до просечната инфлација на земјите од еврозоната и ја потврдува соодветноста на монетарната поставеност во целиот овој период. Номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото се одржува на стабилно ниво, придонесувајќи за стабилни очекувања и за одржување на довербата на економските субјекти. Девизните резерви непрекинато ги одржуваме на комфорно ниво, гарантирајќи ја стабилноста на валутата и справувањето со шокови. Банкарскиот систем е поставен на целосно пазарни основи, со присуство и на реномирани меѓународни банкарски групации – стабилен, ликвиден и капитализиран. Голем придонес за ова има нашето постојано вложување да ги следиме меѓународните стандарди во областа на банкарската регулатива, како и современите супервизорските стандарди.

Ниту една централнобанкарска институција не може да биде поставена на здрави темели, без посветени и одговорни луѓе, коишто имаат визија, го следат правецот во којшто се движат современите централни банки и притоа макотрпно се вложуваат за чекорење токму по таа патека. Во годините наназад, во континуитет се инвестира во човечкиот капитал на нашата централна банка. Поддршката којашто во овој процес ја имаме од меѓународните финансиски институции, заедно со нашата посветеност ни овозможува да имаме и високо квалитетно јадро на професионалци. Без него, незамисливо е успешно да се справуваме со предизвиците пред нас, особено сега кога сѐ поизвесна е европската интеграција, што подразбира и интензивни подготовки за идната монетарна интеграција. Сето тоа безусловно бара да останеме доследни на стабилноста на цените и курсот на домашната валута, да имаме супервизорска поставеност којашто е блиска со европската, како и институционален капацитет за квалитетен дијалог со европската монетарна власт“.