Ангеловска-Бежоска: Македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии

– Македонската економија не е директно изложена на ризиците од глобалните трговски тензии. Нашата трговија и со Соединетите Американски Држави и со Кина е мала – истакна меѓу другото гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Гласот на Америка“, во текот на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка во Вашингтон.

Осврнувајќи се на прашањето за глобалните трговски тензии и нивните импликации, таа посочи и дека е важно каква ќе биде натамошната состојба, односно дали натаму ќе има смирување или ескалација на тензиите.

– Ефектите врз нашата економија би можеле да дојдат главно преку посредните канали, односно тие зависат од степенот во кој би била погодена европската економија како наш најзначаен трговски партнер и особено од тоа што ќе се случува во германската економија. Германската економија за нас е од голема важност, со оглед на високиот степен на интегрираност на нашата економија во германскиот синџир на производство – нагласи Ангеловска-Бежоска.

Ако се направи анализа каква беше трансмисијата од монетарната политика во нашиот финансиски систем, според гувернерката, се забележува дека во целиот изминат период, финансискиот сектор ги следеше сигналите на Народната банка.
– Како што ние ја намалувавме основната каматна стапка, така и банкарскиот систем ги намалуваше активните каматни стапки, што резултираше со поповолни услови за кредитирање и зголемена побарувачка и од страна на корпоративниот сектор и од страна на населението. Секако тоа значеше и значајна поддршка за економскиот раст кај нас – посочува Ангеловска-Бежоска.

Во интервјуто, таа говореше и за просторот за делување на монетарната политика кај нас, а се осврна и на очекуваните ефекти од евроатлантските интеграции за нашата економија, имајќи ги предвид искуствата на економиите коишто веќе минаа низ тие процеси.

На Средбите во Вашингтон, делегацијата предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, веќе оствари повеќе работни состаноци со високи претставници на меѓународните финансиски институции и организации.