Ангелов: Сомнително е како се палат пожарите


Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција рече дека е сомнително што одеднаш пламнуваат толку пожари и што тие се шират со чудна брзина, поради што е вклучено и МВР за да работи на откривање на причините.

Тој изрази сочуство до сопругот на жената од Челопек, кумановско која загина во пожарот што го зафати ова село, апелирајќи до граѓаните да не се обидуваат да ги спасуваат куѓите, туку да бегаат.

-Тажно е тоа што се случи во кумановски Челопек, еден живот е загубен, тоа е она што неколку дена го зборуваме. Безбедноста на прво место на луѓето, куќите ќе ги направиме. Ќе помогне владата, ќе помогне општината. Дрвјата ќе пораснат, нема за една година, им треба многу време, но колку буки или борови вреди еден човечки живот, запраша Ангелов.

Токму затоа ЦУК ќе се фокусира на спасување на човечките животи, да се фокусираме ба заштита на човековото здравје.

-Тешко е да се напушти домот што некој го градел со сопствени раце, со мачно заработени пари целиот свој живот. Но нов дом ќе се направи, ве уверувам дека државата ќе помогне, но нов живот нема да се врати. Затоа апелирам до сите граѓани кои ќе се најдат во место каде пожарот се движи кон нив, тоа може да му се случи на секој, дури и на оние граѓани кои сега се далеку од пожарите, бидејќи пожарите се шират со чудна брзина. Дури има некои моменти како тие пожари се палат одеднаш, на повеќе локации. Полицијата работи на барање на причинителите. Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет, нагласи Ангелов.

Тој зборуваше и за употребата на хеликоптери за што побара да не се шири паника, незадоволство и гнев без потребата бидејќи и нашите, и српските и германските имаат лимит кога можат да летаат и во какви услови, односно дека не постои хеликоптер што гасне пожари во ноќно време.

 Ако температурата е над 37 степени, рече директорот на ЦУК, тогаш не е безбедно за летање. За разлика од нашите, пак, српските може да летаат на малку повисока температура, но од друга страна тие може да носат 1,2 тони вода, додека оние со кои располагаат македонските служби може да носат два тона вода.Поради ограничувањата од температурата, побара Ангелов, да не се бара панично праќање на хеликоптери.