Ангелов: Нема да нѐ изненади снегот, но возилата ни се стари


Фото: Б. Грданоски

Снежните врнежи не треба да не изненадат во декември и јануари нормално е овие месеци да падне снег, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов истакнувајќи дека вчера имало координативен состанок на субјектите кои се вклучени во системот за управување со кризи и таму било констатирано дека ЈП „Македонија пат“ има план за делување. Проблем, според него, може да претставува малиот број возила со кои за оваа намена располага јавното претпријатие.

– За жал од она што можевме вчера да го констатираме бројот на возила кој го поседува ЈП „Македонија пат“ не е доволен и тоа не е ново. Ваквата состојба трае не со години, туку со децении наназад. И покрај тоа што нема доволен број возила, дел од постоечките возила се доста застарени и често се случува додека интервенираат на патиштата да доаѓа до разни дефекти кои се отстрануваат на лице место, за да можат да продолжат со чистење, рече Ангелов.

Сепак, додаде, наша обврска како држава е во секој момент да бидеме подготвени без разлика што зборуваат прогнозите оти очекувано е во декември, јануари и февруари во било кој момент да има пообилни врнежи од снег.

 

-Ние како ЦУК  стоиме на располагање на граѓаните секогаш кога ќе има загрозување на нивниот живот здравје или материјални добра. Тие треба да го повикаат бројот 195, а ние во координација со полицијата, а по потреба и со Армијата ќе им помогнеме на сите на кои им треба помош, рече Ангелов.