„Национални шуми“ нема доволен број пожарникари, авионите полнат гориво само на едно место

Потребно е целосно реформирање на системот за управување со кризи, вели директорот на ЦУК,, Стојанче Ангелов


 

Директорот на Центарот за управување на кризи, Стојанче Ангелов, денеска информираше дека ЈП „Национални шуми“ имаат пожарникари, но недоволен број. Како што истакна, со закон се должни на одреден број жители, да пријават одреден број пожарникари. Ќе пријават 40, но реално некој од нив има здравствени проблеми, некои се отсутни и тие во реалноста ја немаат бројката која што ја декларираат и тука настанува нивниот проблем.

„Раководството на ‘Национални шуми’ не е виновно. Нема луѓе, тие се луѓето. Законот е ригозорен, а решението е целосно реформирање на системот за управување со кризи, но тоа да го направат луѓе од браншата. Професори не ни требаат, бидејќи ние ги знаеме вистинските проблеми. Професорите водат во погрешни правци“, кажа Ангелов на денешната прес-конференција во ЦУК за состојбата со пожарите и подготвеноста на надлежните.

За авионите за гаснење на евентуални пожари, Ангелов информира дека имаат лимит и можат да наполнат вода на повеќе места, но гориво само на едно место.

„Додека полициските хеликоптери, кои што сега максимално ќе ги користиме, можат да наполнат вода каде било. Базенот можеме да го поставиме во близина на пожарот. Тоа е благодарение на ДЗС. Доколку снема гориво, слетува во најблиската полјана, чека специјална цистерна со гориво. Полнат вода – фрлаат“, кажа Ангелов.