„Ангел си ти“- со музичко-сценски настан ќе се одбележи роденденот на Тоше во Крушево


Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој пред 15 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

 Спомен-куќата на Тоше Проески  во Крушево утре со музичко-сценски настан под наслов „Ангел си ти“ ќе го одбележи 41. роденден на Тоше кој се уште живее во нашите срца.
Од Спомен-куќата објавија дека денот ќе се одбележи со крводарителска акција, која ќе трае од 10 до 16 часот, но ќе има и промоција на книга на Бојан Тодоровски, како и на збирката песни „1.200 молитви за Тоше“. Промоциите ќе бидат придружувани со настапи на Никола Зацески со групата „Мелем“ и на Горан Папаз.
Во 12:30 часот присутните ќе го посетат вечното почивалиште на Тоше, а од 14 до 16 часот ќе има музичко-сценски настан во изведба на Камерен оркестар на Битола, Пијано трио – Скопје и солисти на Македонската опера и балет под диригентската палка на Владимир Димовски.

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981. и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997. година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ. Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик.

Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.

АД „Пошта на Северна Македонија“ по повод роденденот на Тоше Проески, 25 јануари започнува акција – „Во чест и сеќавање на Тоше“ преку која може да купите поштенска марка, ФДЦ коверт, максимум карта и масовен коверт. Филателистичките производи ќе може да се нарачаат онлајн, преку електронската продавница на Пошта www.postashop.mk.

 

Марката (фотографија на Дарко Мораитов), за првпат во историјата на Македонија е испечатена во еден милион примероци, со номинална вредност од 12 денари. Оваа марка, која беше промовирана на 15.12.2007 година, патува низ светот како што патува и неговата музика и неговата песна.