Ангел Димитров тврди дека Македонците не знаат што се случувало пред 1944
Копретседателот на Историската комисија тврди дека во македонските учебници треба да има „сериозни промени“ и тие треба да се направат веднаш

Малку, речиси ништо, се променило во ставовите на копретседателиот од бугарската страна на Историската комисија, Ангел Димитров, што се однесува околу некои сегменти од историјата на двата народа и по усвојувањето на Протоколот и преговарачката рамка за Македонија.
Во гостувањето во утринската програма на Бугарската национална телевизија (БНТ), осврнувајќи се на последната седница на Комисијата Димитров рече дека „тамошните луѓе, кои тврдат дека имаат длабоки историски корени, мислат само за по 1944 година. Немаат сознанија за тоа што се случувало ни во првата половина на минатиот век, кога населението таму беше прогласено за српско, и кога имаше терористички режим, кога имаше големо насилство и постојани репресии. Тоа изгледа воопшто не ги интересира, ги знаат само пропагандите и манипулациите по 1944 година. За жал, оваа пропаганда е антибугарска“.
Димитров малку зборуваше за седницата на Комисијата, оценувајќи дека „повторно ништо не се случи… нема подготвеност за каква било промена“, но значаен дел од разговорот ѝ посвети на анкетата на Фондацијата „Конрад Аденауер“, објавена четири дена по состанокот на историчарите. Особено за податокот во неа дека во перцепцијата на 44 отсто од граѓаните Бугарија е непријател, а за 37,4 отсто Србија е најголем сојузник. Потоа дека 65 отсто од граѓаните ја поддржувале иницијативата Отворен Балкан. За него е парадоксално што највисоко оценет претседател е Борис Трајковски, „кој беше добар пријател на Бугарија“.
Иако во протоколот меѓу двете држави се наведува дека треба да се променат по еден учебник од македонска и бугарска страна, професорот Димитров за БНТ изјави дека во Македонија требало да се направат промени во повеќе учебници, и тоа сериозни. „Учебниците може да се дополнат и без да се печатат нови“, рече Димитров. Според него, забелешките за бугарските учебници биле општи, не допирале важни работи во толкувањето, но промените во македонските учебници „треба да се направат веднаш“.
Димитров уште тврдеше дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за поништување на Договорот со Бугарија бил фонот во кој се одвивал состанокот на Историската комисија и дека некои од македонските колеги се пожалиле „дека се подложени на закани и притисоци кога менуваат нешто во својата позиција“. (Н.В.)