Ангел Димитров: Станува сѐ потешко


Копретседателот на бугарскиот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, професорот Ангел Димитров, го коментираше 15-от состанок на Комисијата, кој вчера и денеска се одржа онлајн. Димитров на новинарите на брифингот во бугарското Министерство за надворешни работи им рече дека станува сѐ потешко да ги информира за работата на заедничката Комисија.

„До вчера напладне работите одеа добро во разговорите на заедничката историска Комисија, но нешто се смени во последен момент“, наведе Ангел Димитров.

Според него, неговите колеги од Северна Македонија не дозволиле идеја за постоење заедничка историја. Тој даде пример дека, како што рече, „тие не сакаат заеднички да ги слават заедничките личности и дека не се воделе од нивните биографии“. Како пример ги наведе браќата Миладиновци кои имаат годишнина во 2022 година. Според него, имало сличен пример со Гоце Делчев, кој исто така има јубилејна годишнина во 2022 година. Димитров додаде дека ќе биде тешко да се излезе од периодот на 10 и 11 век, за кој разговараат историчарите.

Димитров рече дека „постои политички притисок врз неговите колеги од македонскиот дел од Комисијата, потсетувајќи дека претстои втор круг од локалните избори во земјата“.