Ангел Димитров не запира да ги труе односите со Македонија
Македонските историчари изгубија три години во неподготвеноста да ја прифатат формулацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, со што станува јасно дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја, изјавил во интервју за бугарски медиум Ангел Димитров, копретседавач на бугарската страна на Мешовитата комисија за историски прашања.
Тој истакнал дека не е сериозно македонската страна да ја обвинува Бугарија за недостаток на напредок заради политичките процеси во Бугарија во последните месеци поврзани со парламентарните избори. Димитров потсетил дека токму македонските историчари ги искористија изборите во Македонија како изговор за блокирање на работата на Мешовитата комисија, а оваа блокада продолжила со изговор дека постои пандемија на коронавирус.
Димитров е категоричен дека надворешниот притисок, пред се од земјите-членки на ЕУ, на кој се надеваат и политичарите и историчарите во Скопје, нема да доведе до промена на позицијата во нашата земја.
„Јас не сум политичар, далеку сум од политичките сфери, но како личност со одредено дипломатско искуство можам да кажам дека не можеме да бидеме под притисок ако јасно ги браниме бугарските позиции“, рекол историчарот, кој беше бугарски амбасадор во Македонија.
Според него, најголем проблем е што Мешовитата комисија е сè уште во раниот среден век, т.е. македонската страна го оспорува бугарскиот карактер на Самуиловото кралство, што е според него во спротивност со историските извори и современите достигнувања на светските средновековни студии.
„Нашите колеги не се согласуваат со историските извори. Тие шпекулираат со оние во општествените науки, не историски. Според нив, во средниот век не била формирана националност, па затоа не може да се каже дека кралството на Самуил било бугарско, но истовремено велат дека е македонско – како веќе да е формирана македонска нација. На овој начин тие се контрадикторни со себеси“, објаснил Димитров.
„Кога имаме целосна дивергенција на ставовите, тогаш се губи довербата во колегијалната и професионалната работа на заедничката комисија … Сите напори на македонската страна не се насочени кон барање контакти и наоѓање разбирање на високо државно ниво“, додал тој.
Според Димитров за околу две недели, во јуни, ќе се одржи 14-тиот состанок на Заедничката комисија.
„Почнувам да се прашувам дали досега нашите македонски колеги се однесуваа повеќе како чувари на митовите, но сега почнувам да мислам дека тие почнуваат да се однесуваат како идеолози на оваа антибугарска позиција на која сме сведоци од минатото лето “, додал тој.